Седницата на Собранието на Република Македонија на која за денеска беше закажана расправа за предлогот за избор на Азир Алиу за нов министер за здравство поднесен од претседателот на Владата започна со едночасовно доцнење, откако пратеничката група на Левица побара пауза, повторно актуелизирајќи го барањето за увид во исплатените патни трошоци и кирии на пратениците за 2024 година.
По паузата премиерот Мицкоски го бранеше својот предлог како одличен кадар за министерската позиција во здравство. Алиу е доктор по информатички науки и редовен професор на Универзитетот на Југоизточна Европа во Тетово, а претходно беше министер за информатичко општество и администрација како дел од Алијанса за Албанците.