Зголемувањето на температурите неделава предизвикало поголем број на јавувања на телефонот 194, на Службата за итна медицинска помош , а со тоа и на бројот на интервенции. Високите температури, особено од петокот наваму, предизвикале најмногу колапси кај граѓаните, но службата интервенирала и за други случаи.
- Денеска само што ја почнавме смената имавме 4- 5 интервенции кај хронично болни на кои им е влошена состојбата поради промена на времето. Имавме од петокот до денешнава смена 8 сообраќајки, 11 колапси, тројца во алкохолизирана состојба. Еве , денеска имавме и пациент со епилептичен напад, кажа д-р Рихад Реџепи, шеф на смена во „ Брза помош“.
Хронично болните пациенти да земаат редовно терапија, ако им се влоши состојбата да го консултираат матичниот лекар. Ако тој не е достапен, да се јават во „Брза помош“, вели Реџепи. Доколку не се работи за животозагрозувачки случаи, од „Брзата помош“ повиците ги решаваат преку телефон, зашто според докторот, имаат само 5 екипи за цело Скопје во дневната смена.
Од утре е најавен пад на температурите, а таа промена не е добра за хронично болните граѓани, вели Реџепи.
- Поготово на хронично болните ова им влијае многу. Значи варијации на крвниот притисок. И апелирам токму за оваа популација, да внимаваат, да си го измерат првин крвниот притисок, а потоа да ја пијат редовната терапија. Ако имаат нешто нејасно , слободно можат да ни се јават, вели Реџепи.
Покрај хронично болните, ранливи категории граѓани на високите температури се лицата над 60 години, бремените жени, децата, социјално загрозените граѓани и работниците на отворено. За заштита од топлото време Институт за јавно здравје упати препораки.
- Избегнување на изложување на сонце (вклучително и работа на отворено) во период 11 – 17 часот.
- Носете светла и лесна облека, а на директно сонце заштитни очила и капа со светла боја и широк обод.
- Останете во затворени климатизирани простории.
- При неопходен престој на отворен простор најдете можност за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце.
- Затворете ги прозорците и ролетните во текот на денот, а отворете ги навечер, кога температурата е пониска.
Конзумирање умерена количина храна и избегнување масна и висококалорична, како и храна која содржи поголема количина шеќер. Пиење повеќе течности – најдобро е вода и избегнување алкохол, напивки со кофеин и екстремно студени пијалоци. Ако граѓаните се во паркирано возило да отворат прозорец за вентилација и да не оставаат никого во затворен автомобил. И да се тушираат по потреба, да ставаат ладни облоги и да ги чуваат нозете во студена вода, велат од ИЈЗ.
Сотир Трајков