Салонот на Центарот за култура „ Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа беше премал за да ги прими сите вљубеници во театарската уметност кои дојдоа на отворањето на 59. издание на МТФ „ Војдан Чернодрински“.Со аплауз и стоечки овации публиката ги поздрави тројцата пензионирани , но активни театарски дејци, на кои им беа врачени наградите за животно дело. А, тие не штедеа зборови за благодарност кон фестивалот и публиката.
- Оваа награда за животно дело ми значи дека сум оставила некаква трага и печат во театарската уметност, која што е дел од културниот идентитет на Македонија, рече Соња Михајлова, актерка од НТ-Битола.
- Се чувствувам горда. Но, без аплаузот на публиката веројатно не ќе бев она што сум денес. Можеби тие ме хранеле премногу, за да можам да опстојам на сцената меѓу сите тие нови генерации. И едноставно се чувствувам дека сум мост меѓу велемајсторите во МНТ, кажа Снежана Коневски- Руси, актерка од МНТ и режисерка.
- Во секој случај сум многу среќен и задоволен. Радосен, се разбира. Значи тоа е признание , резултат за тоа што сум го правел до сега на општо задоволство мое и на публиката, се разбира, вели Гоце Тодоровски, актер од Драмски театар- Скопје.
Новина од ова фестивалско издание е програмата „ Драмолетање“. Замислена е како берза за драмски текстови, со цел враќање на домашното драмско творештво на фестивалот „ Војдан Чернодрински“, кој бил востановен за да ги афирмира и вреднува творбите на македонските драматичари.
- Ја имаме програмата „ Драмолетање“, каде што ќе комуницираат авторите заедно со продуцентите и режисерите, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „ Војдан Чернодрински“.
Министерството за култура и туризам годинава одвои 4 милиони денари за фестивалот, што го прават достоинствен, кажа на отворањето министерот за култура и туризам. Но, според Љутков, треба повеќе вложувања од локалната самоуправа, за да се врати атмосферата како пред 20 години, кога учесниците останува на фестивалот сите денови.
- Тоа враќање значи дека освен подршката од министерството , ќе треба и одговорните лица и директорите да се погрижат, и општествено одговорните компании да помогнат малку повеќе. А, тоа значи триплирање на буџетот за да може да се врати тоа што било пред 20 години, кажа Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
А, натпреварувачката програма започна со изведба на претставата „ 12“ во продукција на МНТ, која по мотивите на текстот на Реџиналд Роуз ја постави Синиша Ефтимов. Вечерва ќе биде изведена претставата „ Црно семе“ во продукција на НТ-Битола.
Сотир Трајков