Министрите за телекомуникации на земјите членки на ЕУ денеска усвоија План за справување со сајбер кризи, кој дава насоки за реакции на големи инциденти поврзани со кибер безбедноста.
Планот на ЕУ за справување со сајбер кризи појаснува како земјите членки можат да детектираат, да одговорат, да се опорават и да учат од големи инциденти во кибер безбедноста, што би можеле да влијаат врз целата Европска Унија, изјави полскиот вицепремиер и министер за дигитална технологија Кшиштоф Гавковски, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Според него, со усвоениот План се прави решавачки чекор напред во зајакнувањето на отпорноста на сајбер безбедноста на Европа.
Планот на ЕУ ја покажува нашата јасна посветеност кон побезбедна, поотпорна и подобро подготвена Европа, што е важен приоритет на Полското претседателство, додаде Гавковски.
Планот се оценува како важен водич за земјите членки во подобрување на нивната подготвеност и способност за откривање и одговор на сајбер безбедносните инциденти.
Планот има за цел да се справи со се посложениот пејзаж на сајбер закани преку зајакнување на постојните мрежи на ЕУ, поттикнување на соработката меѓу земјите членки и вклучените актери и преку надминување на пречките што може да постојат, посочи Советот на ЕУ.
Сајбер планот дава објаснување кога треба да се активира кризната рамка и кои се улогите на релевантните мрежи на ниво на Унијата, нејзините актери и механизми и укажува на важноста на координацијата на јавната комуникација пред, за време и по кризните инциденти.
Планот ја нагласува и важноста на цивилно-воената соработка во контекст на справувањето со сајбер кризи, вклучително и со НАТО, преку подобрени механизми за споделување информации каде што е можно и кога е потребно. Тој, исто така, содржи и поглавја за закрепнување и размена на искуства од научените лекции меѓу земјите членки.