Во ЦК „ Марко Цепенков “ во Прилеп, се прават последните подготовки за вечерашното отворање на 59. МТФ „ Војдан Чернодрински“. Тој овој пат оди под мотото „ Смеј се и осмели се“, што се реферира на тажната и смешна маска, како препознатливо обележје на театарот. Фестивалот ќе се отвори со претставата „ 12“ , која режисерот Синиша Ефтимов ја постави по мотивите на текстот „ 12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, во продукција на Македонскиот народен театар. А, во натпреварувачката програма до 13 јуни, кога завршува фестивалот, за наградите ќе се натпреваруваат уште 8 стилски и жанровски различни претстави, а ќе има и 4 во офф програмата , кои доаѓаат од независната сцена.Според уметничката директорка Ана Стојаноска, во годинашната селекција се препознава ставот на режисерот и потребата за градење автентична театарска продукција.
- Фестивалски претстави кои што се посветени на автентичен режисерски ракопис, во кој што може да се види исклучително моќна актерска игра. Тоа беше најважниот критериум при изборот на претставите , имајќи го предвид и мотото на фестивалот, рече Ана Стојаноска, уметнички директор и селектор на МТФ „ Војдан Чернодрински“.
Програмата вклучува и тркалезни маси, промоции на книги, детска зона, а содржината од минатите две изданија „ Автор во фокусот“, овој пат е посветена на тројца роднокрајни театарски дејци- актерите Кирил Ристоски и Благоја Спиркоски- Џумерко и на драмскиот писател Благоја Ристески – Платнар.
- Ќе бидат претставени преку изложбата „ Прилеп во движење “ или „ Музеј во движење“, во кој што ќе тргнеме од од централното градско место , а тоа е Градскиот саат, каде што ќе биде изведен дел од претставата „ Арсениј“. А, потоа ќе патуваме низ Прилеп, низ една мапа на движење кај пријателите на фестивалот, каде што ќе бидат поставени артефакти и фотографии, вели Стојаноска.
Годинава, новина е воведувањето име на наградата за музика. Со одлука на фестивалското Собрание, таа во иднина ќе го носи името на музичарот Филип Стевановски, кој загина во пожарот во кочанската дискотека, како дел од групата ДНК, а беше директор на ЦК во Штип.
За наградите ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Иван Меденица- театролог, од Србија, Лилиа Абаџиева -режисерка од Бугарија и Нела Оташевиќ- продуцент во Црногорскиот народен театар. На затворањето на фестивалот „ Војдан Чернодрински“, во чест на наградените ќе биде изведена претставата „ Вистината “, во продукција на театарот Комедија.
Сотир Трајков