Најмалк,у седум лица загинаа, а 69 се повредени во одвоени инциденти при уривање на два моста во руски региони што се граничат со Украина, соопштија руски официјални лица.
Мостот над железничката пруга во областа Бријанск е урнат во саботата, околу еден час пред полноќ по локално време, додека под него минувал воз со 388 патници, наведоа руските истражни органи. Четири часа подоцна железнички мост над автопат е дигнат во воздух и во областа Курск.
Рускиот истражен комитет, надлежен за истраги на тешки кривични дела, ги поврза двата инцидента и децидно наведе дека делови на товарен воз го прекриле автопатот под мостот.
Руските региони кои граничат со Украина се честа мета на украински напади од почетокот на руската инвазија во февруари во 2022 година. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за гаѓање на цивилни цели, но и двете ги негираат таквите наводи.
Украина досега не се огласи за двата инцидента кои се случија на еден ден од намерата на САД да ги седне Москва и Киев на нова рунда преговори во Истанбул. Американскиот претседател Доналд Трамп побара од двете страни да постигнат договор за мир, во спротивно се закани дека САД ќе се повлечат од мировниот процес, што потенцијално би значело дека одговорноста за поддршка на Украина би паднала на европските сили.