По 14 години и вложени милијарди евра, Париз Сен Жермен конечно ја освои Европа — и тоа на навистина спектакуларен начин. Синоќа во Минхен, францускиот тим го прегази Интер со 5–0 и ја освои својата прва титула во Лигата на шампионите.
„Алијанц Арената“ беше сведок на историски момент, откако ПСЖ го одигра едно од највпечатливите финалиња во историјата на Лигата на шампионите. Францускиот шампион доминираше на теренот со брз и брутално директен фудбал.
Акраф Хакими го отвори резултатот рано, искористувајќи грешка во одбраната на Интер.
Но тоа беше вечер на 19-годишниот Дезире Дуе, кој постигна два гола и една асистенција — блесок на младата ѕвезда на најголемата сцена.
Хвича Кварацхелија го зголеми водството со четвртиот гол, а младиот резервист Сени Мајулу го запечати триумфот со петтиот.
Интер во споредна улога цел натпревар и речиси нем набљудувач на моќниот тим на Луис Енрике.
Оваа победа не само што е прва титула во ЛШ за ПСЖ, туку е и најубедлив триумф во историјата во едно финале соборувајќи го рекордот на Милан, кој во 1994 ја победи Барселона со 4-0.
Парижаните се само вториот француски тим со круна во европската елита по Олимпик Марсеј, кој го осови трофејот во 1993 година.
Посебно импресивно е што оваа титула доаѓа во првата сезона по заминувањето на Килијан Мбапе, кој минатото лето премина во Реал Мадрид.
Под водство на Луис Енрике, ПСЖ ја освои тројната круна — Лига 1, Куп на Франција и сега Лигата на шампионите.