Со пенкала и лични карти на масата, матурантите денес го започнаа првиот екстерен испит од државната матура – мајчин јазик и литература. Таму каде што имаше услови, учениците полагаа во своите училишта, а каде што немаше – на факултетите. Така, учениците од средното училиште „Марија Кири Склодовска“ испитот го полагаа во амфитеатрите на Земјоделскиот факултет. За да се обезбеди регуларност, седеа со празно столче меѓу себе. Министерството за образование порача дека оваа година контролата ќе биде построга, а учениците кои ќе се обидат да препишуваат ќе бидат отстранети од полагање и ќе мора да чекаат една година за нова шанса.
„Доколку тестаторите и набљудувачите пропуштат и не видат дека некој препишува, тогаш Државниот испитен центар ќе ги отстрани од процесот и ќе бидат заменети со други, а потоа ќе следат и санкции“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Силна порака стигна и од Државниот испитен центар, кој цела година се подготвувал за овој ден. Од таму апелираат наставниците што имаат улога на тестатори да бидат максимално одговорни.
„Сите наставници кои се во улога на тестатори треба максимално и одговорно да си ја сфатат својата задача денес бидејќи нивната улога е клучна во овој процес“, порача Даниела Јовчевска Михајловска, директорка на Државен испитен центар.
Лани за првпат учениците од ова училиште полагаа на факултет како дел од пилот-проект, кој според надлежните се покажал како успешен, па оваа практика продолжува и годинава, и тоа низ целата држава.
„Сакам да напоменам дека ова беше пилот-проект за првпат минатата година. Видовме дека има ефекти и сега оваа година се спроведува на сите универзитети во државата“, објасни Миле Маркоски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна.
„Лани дел од матурантите кои полагаа на овој факултет подоцна се запишаа токму овде и се надевам дека така ќе биде и оваа година“, очекува Дарко Спасев, директор на СУГС „Марија Кири Склодовска“.
Над 15.000 ученици денеска го полагаат првиот од двата задолжителни екстерни испити. Од следната учебна година, државната матура ќе се спроведува по нов концепт – различен за стручно, гимназиско и уметничко образование.
Тамара Марковска