Околу 15.000 матуранти претпладнево го полагаа првиот екстерен тест (македонски јазик и литература) од државната матура во средните училишта. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за годинашната матура се пријавени точно 15.004 кандидати од кои 8.816 ученици се од средните стручни училишта, 5.966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование. Денешниот тест, кој е задолжителен за сите матуранти, го полагаа 9.969 ученици на македонски јазик, 4.339 на албански јазик, 292 на турски јазик и 10 на српски јазик. Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни.
Државната матура во нашиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Единствен пат не беше организирана на крајот од учебната 2019/2020 година поради пандемијата на ковид-19. Со донесените измени на Законот за средно образование, од наредната учебна година ќе се примени нов концепт на државна матура кој предвидува полагање на посебна државна матура за стручно, за гимназиско и за уметничко образование.
Очекувањата на надлежните се помалку препишувања на денешниот тест, нешто што, според нив, се случувало во минатото. Министерката за образование и наука, Ваесна Јаневска го посети Земјоделскиот факултет при УКИМ каде полагаа матурантите од училиштата „Марија Кири Склодовска” и „Димитар Влахов”.
„На тестаторите и набљудувачите им порачувам да си ја извршуваат својата работа одговорно и нагласувам дека законската регулатива е зајакната и не очекувам никој да влезе во ризик за да понесе некакви санкции. На учениците им пожелувам успешно полагање и добар успех. Материјалот го поминале и само требало да го повторат. Од нив очекувам да не користат никакви иновативни методи за да дојдат до точните одговор,и затоа што тие влегуваат во ризик да изгубат цела година“, рече Јаневска.
И директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Даниела Јовчевска Михајловска им посака успех на сите матуранти, со очекување дека годинава резултатите од матурата ќе бидат пообјективни од ланските. Тие треба да бидат објавени најдоцна еден месец од полагањето на вториот екстерен испит односно околу 10 јули.
„Во текот на целата година се работеше напорно за денеска да тргнеме подготвени за реализација на првиот испит од државна матура. Испитниот материјал е во училштата и треба да е поделен. Посакувам успешен ден на сите матуранти, сите наставници кои се во улога на тестатори максимално одговорно да си ја сфатат својата задача денес, бидејќи нивната улога е клучна во оваа наша работа, изјави Јовчевска-Михајловска.
Фото: mia.mk