Градоначалничката Данела Арсовска ги донесе во обвинителството доказите за легализирана дивоградба во Чаир со фалсификат документи. Според неа, меѓу фалсификат документите е и оној според кој бил платен надоместокот кон Град Скопје. Таа смета дека градоначалникот на Чаир, Ганиу е свесен дека сторил криивчно дело, затоа што еден час, откако таа во живо се огласи на Фејсбук и го повика, тој напраивл решение за поништување на сопственото решение за легализација.
„Доказ дека има направено кривично дело е тоа што го направи во изминатите денови. Да појаснам, на 27 мај откако излеговме на терен да алармираме за дивоградбата која што ја упишал базирана на фалсификати, еден час по нашето јавно излегување, додека сè уште сме на терен и го чекаме Висар Ганиу да дојде и да нѝ ја презентира документација врз која што го извршил тоа запишување, тој прави решение за поништување на сопственото решение и го поднесува до Катастарот за недвижнини за да го избрише случајот за да може понатаму да ја уништи целата документација. Веднаш по еден ден, односно по помалку од 24 часа од приемот на документацијата во Катастарот на недвижнини во Град Скопје, самиот Катастар знаеше дека се неверодостојна“, изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.
Обвинителството досега требаше да влезе во Општина Чаир, а сега и да влезе ќе се прави дека нема ништо, затоа што е избришано, вели Арсовска. Сепак, најави дека од понеделник ќе донесе 150 предмети во обвинителството, додавајки дека не можат сè да избришат. Го повикуваше обвинителството да работи по допрен глас, но се одзва на денешниот повик на обвинителство да ги сподели сознанијата со дежурниот обвинител. Обивнителството ѝ порачаа дека не можат да постапуваат без сознанија за кои парцели станува збор.
„Доколку градоначалничката како службено лице има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“, велат од ОЈО Скопје.
МВР ја чека Арсовска да ги пријави заканите по живот. Таа вели не постапувале по пријавите и не се чувствува заштитена од државата. Не ги соопшти јавно имињата на заканувачите за да не се доведе себе и семејството во дополнителна опасност.
„Во СВР Скопје до овој момент нема пријава од Данела Арсовска за закани кон нејзиниот живот или загрозување на нејзината сигурност. Секој граѓанин кој има несигурност или било какви закани, веднаш треба да пријави во најблиската Полициска станица или на телефонските броеви 112 или 192“, апелираат од МВР.
Телма вчера објави дека во обвинителството повеке од две години има предистрага за предмет со кој Антикорупциската комисија побара поведување на кривична одговорност за градоначалникот Ганиу и главниот градежен инспектор, а се однесува на дивоградба во населбата Дуќанџик. Од Обвинителството тврдат дека Општина Чаир не им доставила податоци за бараната парцела, туку за друга, па писмено се обратиле до Министерството за транспорт и врски за да се изврши надзор и увид.
Елена Ивановска Мукоска