Заврши истрагата за 46 осомничени за пожарот во „Пулс“ за „Тешки дела против општата сигурност“. Колкумина ќе седнат во обвинителна клупа, ќе се знае кон средината на јуни за кога се најавуваат и обвиненија за трагедијата во Кочани во која животот го загубија 62-ца млади луге, а, речиси, 200 беа повредени. Во меѓувреме, одбраната треба да направи увид во доказниот материјал и да предложи свои докази. Тимот од 13 обвинители сослушал околу 400 сведоци и роднините на жртвите и повредените, извршиле распит и со осомничените, а ги анализирал и вештачењата.
„Обезбедени се детални обдукциски вештачења за причините за смрт на секој од починатите, како и за видот и карактерот на повредите кај повредените лица. Изготвени се градежно и хемиско вештачење со кои се испитаа околностите во самиот објект, безбедносните стандарди, како и начинот на настанување и ширење на пожарот. Во однос на определен дел од документацијата за клубот се вршеше и графолошко вештачење. Од компјутерите и мобилните телефони се вршеше извлекување и анализа на податоци кои се вкрстуваа со останатите информации добиени во текот на истрагата. Во однос на работата и функционирање на клубот, проверки по насока на јавен обвинител вршеше и Управата за финансиска полиција“, информираат од ОЈО Кочани.
Истрагата за една од најголемите трагедии завршува со повеќе дилеми во јавноста, прашања дали има селективност и дали ќе донесе правда. Дел од одговорите треба да ги даде обвинението, но и судскиот процес.
На листата на осомничени се поранешниот и неформалниот сопственик на „Пулс“, обезбедувачи, членот на ДНК кој сè уште е на лекување, инспектори од различни ресори, четворица поранешни министри за економија, троца поранешни државни секретари, двајца поранешни директори на ДПИ. Веригата на осомничени функционери заврши со актуелните, само кај градоначалниците на Кочани и директорите на ДЗС. Повеќе од половина од осомничените се во притвор или куќен притвор, поради што обвинителството го брка рокот од 90 дена да подигне обвинение.
Но, истрагата за полициското постапување што се води во обвинителството за гонење организиран криминал останува отворена. Четиринаесет поранешни полициски функционери и службеници од Штип и Кочани се осомничени поради согласностите со кои во минатато дискотеката „Пулс“ добивала лиценца. Засега нема осомничени актуелни полициски функционери и други полицајци поврзани со ноќта кога се случи трагедијата во „Пулс“, а кога имало планирана полициска акција за откривање малолетници и дрога во нелегалното кабаре.
Од Обвинителството и натаму тврдат дека доколку дојдат до докази и сомнежи и за други лица, ќе има и проширувања на истрагата.
Според најавите од обвинителството, ќе има неколку предмети, но сè уште се анализира колку предмети и како ке бидат групирани обвинетите. Засега е неизвесно каде ќе се суди, затоа што кочанските судии веќе постапуваа во истрагата и имаат законски пречки да водат судење за истите обвинети.
Елена Ивановска Мукоска