Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска ќе престојува во официјална посета на Будимпешта, Унгарија, каде ќе оствари средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан и ќе учествува на конференцијата CPAC – најголемиот светски собир на конзервативци.
Како што соопшти владината прес-служба, средбата со Орбан ќе биде фокусирана на билатералните односи меѓу Македонија и Унгарија, со акцент на продлабочувањето на економската соработка, поддршката на евроинтегративниот процес на земјата, како и заедничките предизвици поврзани со енергетиката, миграцијата и регионалната стабилност.
На конференцијата која е под покровителство на унгарската влада предвидено е и обраќање на Мицкоски.
Според најавите од неговиот кабинет, ќе говори за стратешките приоритети на на земјава, реформите, евроатлантската ориентација и потребата од зајакнување на конзервативните вредности во Европа и пошироко.
Филипче: Се потврди дека Мицкоски е продолжена рака на Орбан
„Слушнавме како Орбан го фали Мицкоски, практично негова продолжена рака во овој дел на Балканот. Последниот авторитарен лидер во Европа доживеавме да го фали нашиот премиер дека бил брана за бегалците. Пазете каква иронија. Човекот којшто направи сè Унгарците да влезат во ЕУ, да ги користат сите бенефити, да бидат заштитени, сега ние сме брана за бегалците надвор од Европа“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средба со членовите на општинската организација Аеродром.
А вистината не е таква, Договорот за Фронтекс, кој што е потпишан, меѓу другото, и на македонски јазик, благодарение на нашите политики е „браната“, додаде Филипче.
„Договорот за Фронтекс, на чист македонски јазик во Европска Унија – без фусноти и без ѕвездички, е наша заслуга. Тоа е “браната” за мигрантите. Значи, повторно еден систем европски – од којшто нашата влада нè држи на страна“, потенцираше Филипче.
Тој додаде дека власта со своите политики ја уназадува државата, а ВМРО-ДПМНЕ продолжи таму каде што застана Никола Груевски.