Вести Македонија Најважни

Игра на чекање – кој прв ќе повлече потег за тврдењата на градоначалничката Арсовска?

Обвинителството истражува, полицијата истражува, двете институции чекаат Град Скопје да им достави докази, а Арсовска бара итна реакција, бидејќи доказите ќе се уништат. Пријави за бесправна градба или за нарушување на Законот за јавна чистота засега нема.

Во Обвинителството веќе две години трае предистрага за предмет кој во февруари во 2023 година Антикорупциската комисија го достави со барање за поведување на кривична одговорност за градоначалникот Ганиу и главниот градежен инспектор, а се однесува на дивоградба во населбата Дуќанџик. Од Обвинителството тврдат дека Општина Чаир не им доставила податоци за бараната парцела.

„Обвинителството побара податоци од Општина Чаир за извршените инспекциски надзори над наведената парцела, при што општината достави документација за друга катастарска парцела и друг објект, како и информација дека подолго време нема градежен инспектор и не е во можност да постапува по прашања од оваа област. Поради тоа, јавниот обвинител писмено се обрати до Министерството за транспорт и врски за да побара да се изврши надзор и увид на лице место, по кое барање се постапува“, соопштија од обвинителството. 

Градоначалничката Арсовска е децидна дека таа објавила доволно докази за сторен криминал и дека надлежните институции треба да постапуваат како што постапувале кога се работело за Град Скопје кога таа вели дека биле исклучително брзи. Арсовска додава дека досега неколку пати преку телефонската линија 192 е пријавувано за упатени закани и за сторен криминал од општинските власти.

„Документите, односно фалсификатите, се во Општина Чаир. Јас не можам, ниту имам зошто да одам во Општина Чаир за да ги земам, а потоа и да им ги доставам. Тоа е нивна обврска како истражни органи. Фалсификатите, односно доказите во моментов се бришат и се уништуваат“, вели Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.

За случувањата пред Град Скопје кога група граѓани предводени од градоначалникот Ганиу истурија смет, МВР вели дека постапува, но и дека засега нема пријави за прекршување на Законот за јавна чистота

„Полицијата е еден сегмент од одржувањето и тие што ја гарантираат јавната безбедност. Сите ние како чинители во нашава држава имаме одговорност да постапуваме и да ги почитуваме законите и да постапуваме согласно закон. Во конкретниот случај полициските службеници постапуваат согласно закон и ќе биде процесуирано секое едно незаконско дејствие кое е во делокруг и надлежност на полицијата“, изјави Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ).

Арсовска обвинува дека полицијата не постапува, бидејќи со Ганиу биле државни службеници и директори на државни институции, а на снимките од настанот може да се види дека е присутен директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.

Околу наводите на Град Скопје за дивоградби шефот на БЈБ јавен кажа дека се постапува не само во Општина Чаир, туку на територијата на целата држава, но и дека други институции и инспекторати морало да постапуваат.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Горан Бреговиќ и како да доживееш стота: Концерт на Бијело Дугме во Скопје

Дејан Дејан

„Ние загубивме се, вие уште имате за што да се борите“ – порака на роднините на жртвите во „Пулс“ до полицијата и обвинителството

Дејан Дејан

Загина 33-годишна жена, повредени шест лица, меѓу кои и деца – тешка сообраќана несреќа на автопатот Тетово – Гостивар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе