Во дигиталната судница на Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска почнува судењето за случајот „Адитив“, поврзан со злоупотреба на јавни набавки и перење пари при набавка на адитиви за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј.
На обвинителна клупа треба да седнат 31 физичко и 5 правни лица, меѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор.
Меѓу обвинетите за овој случај се и двајца поранешни директори на државни Електрани, Васко Ковачевски, кој се уште е во бегство и неговиот наследник Васко Стефанов.
Обвинителството тврди дека преку пререгистрација на фирми и договарање меѓу економски оператори, биле наместени тендери, со што одредени компании добиле договори и оствариле имотна корист од речиси 400 милиони денари.
Обвинетите се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, наместени јавни набавки и перење пари.
Дел од нив, според обвинението, парите од зделките ги вратиле во оптек и ги прикривале преку трансакции и подигнување готовина.
Судењето се одвива во новата дигитална судница, што овозможува поголема безбедност и ефикасност во процесирањето на сложени предмети.