Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со новиот германски канцелар Фридрих Мерц во Берлин со цел да обезбеди дополнителна воена поддршка поради војната која се уште трае. Покрај земјите кои ѝ помагаат на Украина, Германија е втор најголем снабдувач на воена помош по САД.
Канцеларот Мерц веднаш ги ги започна дипломатските напори за крај на војната во Украина откако стапи на функција. Тој на средбата со претседателот Зеленски посочи дека е потребен поголем притисок врз Русија со цел да се отвори патот за преговорите.
„Ќе продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Русија. Го правиме ова за да ја ослабнеме воената машина на Москва. Но, го правиме тоа и за да отвориме пат за преговори“ изјави Мерц.
Европските лидери го обвинија рускиот претседател Владимир Путин дека ги одолговлекува мировните преговори предводени од САД. Зеленски претходно изјави дека Украина е подготвена да одржи мировни преговори на највисоко ниво, вклучително и трилатерален состанок со него, Путин и претседателот на САД, Доналд Трамп. Украинскиот претседател рече дека ќе прифати каква било конфигурација на разговори, без разлика дали тоа вклучува еден трилатерален состанок или одделни средби со Трамп.
Владата на Мерц не соопшти дали ќе ги испорача своите крстосувачки ракети со долг домет „Таурус“ на Украина, нешто што неговиот претходник, Олаф Шолц, одби да го направи и за што Мерц се залагаше како лидер на опозицијата.
Владата изјави дека повеќе нема да дава целосни детали за оружјето што ѝ го испорачува на Украина, за разлика од администрацијата на Шолц, наведувајќи ја потребата од „стратешка двосмисленост“.