Предлог законот за ратификација на Договорот меѓу владите на Македонија и Велика Британија денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за надворешни работи, како и на 52-та пленарна седница.
Македонската Влада на седница на 20 мај го усвои текстот на Договорот со кој е дефинирано партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, а Предлог законот за негова ратификација вчера беше испратен во Собранието.
Целта на Договорот, што ќе биде во сила 10 години, е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфратсруктурни проекти, во секторите, транспорт, здравство, технологија, енергетика и други критични сектори во Република Македонија.
Планираните проекти со Договорот се изградба и реконструкција на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија кој, ориентационо, како што соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Никооски, би требало да чини околу милијарда и 900 милиони евра до две милијарди евра, како и изградба на Клиничката болница, Медицински факултет и Студентски дом во Штип, целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово и изградбата на нова болница со нов здравствен дом во Кичево, околу 200 милиони евра.
Областите на соработка се наведени во Анекс А, каде стои и дека ќе се реализираат и програми за развој на транспортниот Коридор 8, за развој на капацитети за сајбер безбедност и дигитална трансформација на Владата, како и за развој на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија.
Во текстот на објавениот Договор стои дека покрај првичната група проекти што се наведени во Анекс А, можат да се вклучат и други проекти доколку така одлучат учесниците. Во член 2, каде е уредена Програмата за финансирање, е наведено дека учесниците ќе работат заедно за да идентификуваат можности за финансирање проекти, вклучително и од Инструментот на Обединетото Кралство за финансирање на извозот (УКЕФ). Преку тој инструмент за државава се ставаат на располагање пет милијарди фунти или шест милијарди евра за реализација на проекти.
Владата на Велика Британија, стои во членот 2, го потврдува интересот и капацитетите на УКЕФ за обезбедување финансирање за поддршка на приоритетните проекти, под услов да ги исполни правните, политичките, финансиските и други барања за задолжителна проверка и оодбрувања, притоа земјаќи ја исто така предвид неговата политика за преземање ризик за вакви прокети во момент на нивно реализирање.
Во член 4 е дефинирана Доверливоста на договорот, каде е наведено дека учесниците прифаќаат разменување на информации за исполнување на целите на Договорот преку три одредби. Со нив е предвидено дека учесниците можат да ги користат информациите само за намени во поддршка на овој договор и ќе ја чуваат доверливоста на информациите разменети меѓу нив.
Во случаи во кои било кој од учесниците е законски обврзан да открие информации согласно важечкото законодавство или според судска наредба или заради друга причина, меѓу себе треба да се известат пред да ги откријат информациите или во случаи во кои тоа не би било разумно изводливо пред откривањето на предметните информации, учесникот ќе го извести другиот учесник по откривањето на таквите информации. Исто така се обврзуваат дека ќе спроведат соодветни мерки за заштита на доверливоста на информациите што се откриваат и на доверливоста на кој било документ што следствено ќе се размени според Договорот.
Како што соопшти Николоски, соработката за Договорот ќе биде во согласност со важечкото законодавство, правилата и политиките на секоја од двете земји.