Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски денеска го објави списокот на фудбалери за двата претстојни натпревари против Белгија на домашен терен и со Казахстан на гостински терен во рамки на квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
Нашиот кормилар повика 27 фудбалери, меѓу кои има само еден дебитант, а недостигаат двајца стандардни од одбраната.
Ново име во репрезентацијата на Македонија е дефанзивецот Стефан Деспотовски. Фудбалерот на ОФК Београд за прв пат добива повик меѓу сениорите, а претходно беше стандарден во младинската селекција. Тој треба да е освежување во одбраната, откако Милевски не може да смета на повредените Никола Серафиов и Дарко Велковски.
Во средниот ред ќе го нема Лирим Ќамили, но сите останатите кои се стандардни наши репрезентативци се тука, како голманот Столе Димитриевски, Висар Муслиу, Езгјан Алиоски, Енис Барди, Елиф Елмас, како и Бојан Миовски, Дарко Чурлинов и Александар трајковски.
Македонија ја пречекува Белгија на 6.јуни во Скопје, а билетите се веќе пуштени во продажба по цена од 300 и 500 денари. Три дена подоцна нашите фудбалери гостуваат кај репрезентацијата на Казахстан. Во првите две мартовски кола, Македонија победи на гости кај Лихтенштајн со 3-0, а во Скопје ремизираше со Велс 1-1.