Дигиталните ресурси на македонскиот јазик во МАНУ цел на хакерски напади во изминативе неколку месеци. Најважните стари книги за македонскиот јазик на Мисирков, Пулевски, дел од фондот на Конески: Граматиката и Историјата, но и дел од неговото поетско творештво биле мета на хакерите.
И токму ова прашање го вклучи алармот колку е важно да се подигне свеста за безбедноста на дигиталните ресурси на МАНУ, рече академик Марковиќ кои заедно со проф. д-р Лаброска се главни уредници на Македонскиот дијалектен атлас.
Јас не можам да апелирам МАНУ да вработи информатичар, тоа е исто како да побара астронаут во денешно време да биде примен. Претседателството се обидува, но поентата е дека некако со заеднички сили од тоа што го имавме на „тврди дискови“ да го обновиме и да го поставиме на надворешен сервер комерцијален, но сепак да си стои сето тоа под МАНУ. И се надевам дека овој портал каде што се најважните книги за македонскиот јазик ќе може без проблем да продолжи да функционира, вели академик марјан марковиќ.
Дигитализацијата на лингвистичките материјали во Центарот за ареална лингвистика започнува во 2008- та година на иницијатива на академик Марјан Марковиќ со дигитализација на стари и ретки книги посветени на македонскиот јазик и нивно поставување на интернет.
Денес базата содржи стотина монографии и зборници поврзани со македонскиот стандарден јазик и дијалектен јазик, збирки на стари текстови, дигитални карти со текстуални записи, аудио снимки од македонските дијалекти итн, вели д-р Давор Јанкулоски, ИЦАЛ – МАНУ.
За прв пат по толку години Центарот за ареална лингвистика при МАНУ и Институтот за македонски јазик ги обединија своите научни сознанија во објавувањето на капиталниот проект МАКЕДОНСКИ ДИЈАЛЕКТЕН АТЛАС .
Капитално дело е бидејќи се работи за опис на дијалектите на целата македонска дијалектна територија, значи не само во границите на нашата држава туку и во Егејска и Пиринска Македонија и во границите на Албанија каде што се зборува македонскиот јазик. Значи имаме обработено 351 пункт што значи има материјал од толку села за 35 глави, рече проф. д-р веселинка лаброска, доп. член на МАНУ.
Грандиозно дело, траен етнографски документ за колективната меморија на Македонците, кој сведочи за традицијата, народните обичаи сфаќањата, верувањата и вербата забележа професор Јованова – Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Нина Стефанова