АЕК бара реванш финалниот натпревар против Алкалоид од ЕХФ Европскиот куп да се преигра, односно да се закаже повторно. Грчкиот клуб во соопштение до медиумите го обвинува Алкалоид за нееднаквост и вели дека на првиот натпревар во Атина бил перфектен домаќин, а заборава да напомене дека еден играч на скопскиот состав беше удрен со тврд предмет од публиката.
Ракометарите на АЕК не излегоа на теренот во арената „Борис Трајковски“ за реванш финалниот натпревар од Европскиот куп на ЕХФ што требаше да се одигра во неделата во Скопје, па дуелот официјално беше откажан. Грчкиот тим не сакаше да игра само поради фактот што нивните навивачи добиле 200 билети, а не повеќе, односно 10 отсто од вкупниот капацитет на салата или 650 билети. Сепак, Министерството за внатрешни работи не дозволи повеќе од 200 грчки навивачи во нашата арена поради безбедносни ризици и ниту едни регулативи на ЕХФ не се над законите на државата.
Од АЕК велат дека Алкалоид ги заобиколил правилата и се фалат дека првиот натпревар на кој македонскиот тим славеше со четири голови разлика во Атина организацијата била перфектна. Во соопштението забораваат да кажат само дека Дамјан Митев беше погоден со тврд предмет од публиката и натпреварот беше прекинат неколку минути, а Алкалоид не го напушти теренот туку одигра до крај и победи.
„Барање, не само наше, туку и на сите кои навистина сакаат натпреварите да се одлучуваат на теренот во услови на правда и еднаквост, е да се презакаже второто финале и да се почитуваат правилата на Европската федерација, кои ги заобиколи Алкалоид, а не АЕК. Напротив, АЕК организираше одлично прво финале и никој немаше никаков проблем, ниту со безбедноста, ниту со нашето гостопримство“, се вели во дел од соопштението на грчкиот состав.
Сега се чека конечна одлука на Европската ракометна федерација, која вчера соопшти дека против двата клуба е започната истрага. Од двете страни беше побарано да дадат дополнителни изјави за натпреварот, по што ќе биде донесена конечна одлука. Дали натпреварот ќе биде закажан повторно во Скопје или на неутрален терен, а можеби и Алкалоид службено ќе го добие натпреварот и ќе ја прослави титулата во Европскиот куп, знаат само челниците на ЕХФ.
ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ И ЦЕЛОТО СООПШТЕНИЕ НА АЕК
„Од самиот почеток, целата управа на АЕК води голема битка за да ги одбрани, не само честа и достоинството на клубот и нашите навивачи, туку и на грчкиот ракомет и нашата татковина. Од самиот почеток се бориме и продолжуваме да се бориме како АЕК, дури и за многу сериозни прашања, како што е реакцијата на врвниот предизвик – да не им се дозволи на грчките граѓани легално да ја преминат границата во друга европска земја.
Се боревме и продолжуваме да се бориме на сите фронтови, со нашето право како „оружје“, за услови на еднаквост кои мора да владеат на секој спортски настан, а уште повеќе на европско финале. Го поздравуваме писмото на Грчкиот олимписки комитет до Европската ракометна федерација и соопштението, кое од една страна разјаснува сè, а од друга страна ги поставува вистинските прашања, и кое исто така ја открива јасната измама во општиот однос на домаќините за да нè доведат до свршен чин и да се натпреваруваме во јасни услови на нееднаквост, кои тие самите ги создадоа.
Претставниците на Грчката федерација беа присутни и сè видоа и разбраа. Присутни беа и одговорните од Европската федерација, и тие многу добро знаат што се случи на безбедносниот состанок што тие го свикаа, што беше договорено и кој ги почитуваше, а кој не ги почитуваше договорите.
Се надеваме дека ќе се издигнат на ниво на ситуацијата и ќе докажат со нивната одлука дека сакаат сите натпревари да се одлучуваат на терен, според правилата што тие самите ги имаат утврдено.
Барање, не само наше, туку и на сите кои навистина сакаат натпреварите да се одлучуваат на теренот со услови на правда и еднаквост, е да се презакаже второто финале и да се почитуваат правилата на Европската федерација, кои ги заобиколи Алкалоид, а не АЕК. Напротив, АЕК организираше одлично прво финале и никој немаше никаков проблем, ниту со безбедноста, ниту со нашето гостопримство. Всушност, во истиот стадион, четири дена претходно, се одржа финалето на BCL Final 4, со мирен соживот на навивачите на АЕК, Малага, Тенерифе и Галатасарај.
На крај, кој навистина може да го оправда и награди „блокирањето“ на границите и забраната за легален влез со „така сакам“ на кој било број грчки граѓани без ограничување, кога немаше никаква директива за забрана на движење, индивидуално или организирано? Зошто не беше почитуван принципот „90-10“ на Европската ракометна федерација? И ако поради наводни „безбедносни причини“ беа дадени 200 билети за навивачите на АЕК, зошто немаше 1.800 билети за навивачите на Алкалоид и се соочивме со полна сала со повеќе од 6.000 скопјани?“