Ќе бидат ли Чебрен и Галиште целосно македонски проект или пак може би ќе добијат и странски партнер ? Ова прашање се отвори откако вчера премиерот Мицкоски соопшти дека и за нив ќе има пари од британскиот заем, за кој минатата недела се потпиша договорот.
Министерката Божиновска смета дека е најдобро да се градат со странски пари, но да останат во сопственост на државата. Сепак, се уште се разгледувале сите опции. Се прават и пресметки колку точно би чинела изградбата, иако првичните анализи покажуваат дека ќе биде околу 1, 3 милијарди евра.
„Секако ние сакаме да е наш проект, ќе видиме и под кои услови, затоа што тоа е проект кој се гради едно седум-осум години. Ќе ги видиме и условите за плаќање значи нема да биде тоа одма што треба да се платата парите и да видиме под кои најдобри услови може да почнеме со изградба“, изјави министерката за енергетика Сања Божиновска
Она што е очигледно е дека повторно во игра се враќа и Галиште, кој пред неколку години беше тргнат од понудата. Тогаш објаснувањата беа дека во Црна Река нема доволно вода за изградба на две централи, па долго време на тендерите се нудеше само Чебрен.
Пред да се потврди дека со британски пари ќе се градат, од Владата соопштуваа дека за нив се разговарало и за време на посетата во Обединетите арапски емирати.
Последниот тендер кој пропадна беше во времето на претходната владина гарнитура. Тогаш се преговараше со грчката компанија Архиродон. Планот беше за една милијарда евра да се изгради Чебрен, а за возврат да добие две третини од стопанисувањето во наредните шест години, но и да менаџира со ХЕЦ Тиквеш. ВМРО ДПМНЕ тогаш во опозиција се противеше на тоа дека се дава Тиквеш, а дел од експертите бараа странци да не ја градат централата, туку државата.
Инаку за период од 20 години за овој проект пропаднаа 14 тендери.
Ирена Чачкова