Американскиот претседател Доналд Трамп се согласи да го продолжи рокот на еден месец за преговори со Европската унија за воведувањето царини.
Минатиот месец, Трамп објави царини од 20% за повеќето стоки од ЕУ, но подоцна ја намали на 10% за да овозможи време за преговори. Претходната недела, Трамп изрази фрустрација од темпото на разговорите и се закани дека ќе ги зголеми царините на 50% започнувајќи од први јуни.
Вчера тој на социјалните мрежи напиша дека го поместува својот рок на 9 јули, по „многу љубезен“ разговор со Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен ја повтори оценката на Трамп за повикот и рече дека блокот е „подготвен брзо и решително да ги унапреди разговорите“.
Но бргу потоа фон дер Лајен на социјалните мрежи напиша: „За да постигнеме добар договор, ќе ни треба време до 9-ти јули“.
Прифаќањето на тој датум од страна на Трамп значи дека рокот е блиску до оној што беше претходно. Пред да се закани со стапка од 50%, Трамп постави рок до 8 јули за двете страни да разговараат.
Трамп долго време го критикуваше она што го смета за нефер трговски однос на САД со ЕУ, и покрај тоа што блокот е еден од најголемите трговски партнери на Вашингтон. Минатата година, ЕУ извезе стока во вредност од над 600 милијарди долари во САД, додека увезе стока во вредност од 370 милијарди долари, според податоците на американската влада.
Пошироко, американскиот претседател ја бранеше својата широка програма на царини тврдејќи дека тие ќе го поттикнат американското производство и ќе ги заштитат работните места.
Но, неговите планирани увозни даноци ја фрлија светската економија во хаос, а многу економисти велат дека тие ќе ги направат производите поскапи за американските потрошувачи. Тарифите се даноци што се наплаќаат на стоки купени од други земји, а ги плаќаат компаниите што внесуваат странски стоки во САД.
Во случајот со ЕУ, претседателот изрази загриженост за трговијата со автомобили и земјоделски производи. Иако некои царини беа паузирани претходно оваа година за да се овозможат преговори, данокот од 25% на челикот и алуминиумот од ЕУ останува на сила.