И Чебрен ќе се гради со пари од британскиот заем. Ова денеска го потврди премиерот Мицкоски на надзорната расправата за аерозагадувањето, на која тој одговараше на прашања. Пресметките се дека повеќедеценискиот проект ќе чини околу 1, 3 милијарди евра, а за неговата изградба ќе се трошат пари од новиот заем од Обединетото Кралство за кој минатата недела се стави потпис.
„Планираме да го работиме со овој заем кој го договараме со Обединетото Кралство. Инвестицијата е 1,2 или 1,3 милијарди евра. Силно сум убеден дека не само поради производство на струја ни се потребни овие две хидроцентрали. Убеден сум дека, имајќи ги предвид климатските промени за идните генерации, се потребни уште два нови резервоара за вода. Овие два резервоари за вода заедно со постојната Тиквеш ќе обезбедат дополнителни количини вода за тиквешко поле“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Ова е првпат да се каже дека со парите од Британија се планира и изградба на Чебрен. Претходно, пред да се потпише договорот, се споменуваше дека ќе се користат за брза пруга од Табановце до Гевгелија, за Клинички во Штип, за болница во Кичево и во Тетово.
Планот е првично да се повлечат над две милијарди евра. Колкави камати ќе се плаќаат за сега нема одговори, затоа што до финансии нема стигнато ниту еден готов проект за да се направи пресметка.
За „Чебрен“ претходно се разговарало и во Обединетите Арапски Емирати. Меѓу проектите кои се презентирале бил и овој.
За реализација се зборува со години. Речиси секоја влада го споменува, но досега никој не успеа да го реализира. Во последните 20 години пропаднаа 14 тендери. Последно, во времето на претходната владина гарнитура, се преговараше со грчката компанија „Архиродон“.
Планот беше за една милијарда евра да ја изгради централата на Црна Река, а за возврат да добие две третини од стопанисувањето во наредните шест години, но и да менаџира со ХЕЦ Тиквеш. ВМРО-ДПМНЕ тогаш во опозиција се противеше на тоа да им се даде Тиквеш, а дел од експертите бараа странци да не ја градат централата, туку тоа да го стори државата со образложение дека имаме капацитет за тоа.
Ирена Чачкова