Милиони евра инвестиција треба да направи Електродистрибуција за да може еднаш во месецот да ги чита броилата на домаќинствата и повеќе да нема паушални фактури. Компанијата ја направи пресметката која ја чека регулаторите за да видaт колку би чинело сето ова.
Од документот до кој дојде Телма, тие треба да вработат 350 нови луѓе, од кои најголем дел ќе бидат отчитувачи, останатите нивна поддршка. Треба да обезбедат и над 300 нови возила, телефони, терминали за отчитување, сонди, околу 30 компјутери, заштитна опрема, канцелариски мебел, гориво и друго.
Според, бројките почетната инвестиција за месечно читање на броилата би била околу 10 милиони евра, а секоја наредна година за плати на новите вработени, за услуги, одржување на целата нова опрема, ќе се трошат 7 милиони евра.
Од Електродистрибуција сметаат дека наместо овој трошок кој би паднал на товар на корисниците на мрежата, парите да се искористат за вградување на паметни уреди. Ова како предлог го наведуваат во документот кој реба да дојде до РКЕ.
Според, нашите проценки се работи за околу 100 илјади мерни уреди годишно. На тој начин ќе се имплементира далеку по одржливо решение кое вистински ќе придонесе за зголемување на опфатот на месечно отчитување и ќе го олесни преминот кон користење на паметни мерни уреди, пишува во документот на Електродистрибуција
Во новиот Закон за енергетика има период од 7 години во кои постоечките ќе треба да се заменат со паметни броила. Но, допрва ќе се преговара на кого ќе падне овој трошок. Она што се знае е дека, одлуката за ова ќе се носи на Влада.
Во меѓувреме додека се заврши овој процес, Регулаторна чека да ја види пресметката од Електродистрибуција, па потоа да одлучува како ќе се делува на паушалните сметки.
Инаку, проблемот со паушалите ескалираше зимава, кога доста граѓани се пожалија дека нивните сметки се дуплирани. Тогаш, од РКЕ побараа да бидат доставени нови фактури. Од ЕВН пак соопштија дека добиле околу 15 илјади жалби, 15 отсто од сметките биле ревидирани, а кај останатите немало основ за корекција.
Во следниот период треба да се одлучува и за тоа дали ќе има нова цена на струјата. Тендерот на ЕВН ХОУМ, на кој ЕСМ треба да достави понуда за тоа по која цена би ја продавале својата струја ќе биде објавен на почетокот на јуни. Во моментов електрани ја испорачуваат по 62 евра за мегават час. МЕПСО и Електродистрибуција пак барања до РКЕ нема да ги достават сега туку во ноември.
Но, каква цена би плаќале граѓаните во следните шест месеци, најмногу зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ. Ако има промена во тѕие 62 евра, повторно ќе се носи нова цена.
Ирена Чачкова