Пратеничката група на „Вреди“ се подели на две. Сегашниот состав ќе брои девет пратеници, меѓу кои се Африм Гаши, Аднан Азизи, Беким Ќоку, Калтрина Беќири, Имерлије Салиу, Саранда Имери, Фериде Хаџиу, Мерита Колчи Коџаџику и Беким Сали. Координатор ќе им биде Беким Ќоку. Претседателот на Собранието откри дека им било понудено на сите пратеници да останат во пратеничката група.
- Понудено е на сите пратеници да се потпишат, нормално. Сметаме дека тие пратеници што ги добиле гласовите преку коалицијата ВЛЕН треба да останат во ВЛЕН, но одлуката е нивна. Ако Алијанса за Албанците се одлучи да пристапи кон друг политички пакт, тоа е нивно право, рече Африм Гаши.
Досегашниот координатор, Халил Снопче од Алијанса за Албанците деновиве не одеше ниту на координации во Собранието. Вели дека веќе има пет потписи од пратеници кои му остануваат лојални на Таравари.
Министерот Лимани, пак, смета дека ова не е конечна бројка. Очекува дел од пратениците да му свртат грб на Таравари, а и други од коалицијата „Европски фронт„ да се приклучат кон владејачкото мнозинство.
- Грешка се ако мислат дека дел од пратениците на Алијанса за Албанците би преминале кон фронтот бидејќи дел од нив ќе останат со владата. Најмалку четири пратеници од редовите на опозицискиот фронт ќе преминат во делот на владејачкото мнозинство, рече Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
По овој потег на „Вреди„, се очекува и од крилото на Таравари да достават свој список со пратеници во Собранието.
Далиборка Демјанска Цветановска