Со ракавици, вреќи и желба за промена, стотици волонтери излегоа на терен за да дадат свој придонес во националната еколошка акција „Генералка викенд“. Волонтерите го собираа ѓубрето, додека механизацијата со багери и камиони го отстрануваше поголемиот, кабаст отпад. На терен беа и млади кои првпат се приклучуваат, но и искусни волонтери од странство. Млада девојка од Полска веќе две години учествува во „Генералка викенд“ и ги повика сите млади луѓе да го направат истото. Смета дека со вакви примери се создава култура на грижа за животната средина, која треба да биде постојана, а не еднократна.
„Веќе две години сум вклучена во оваа акција „Генералка викенд“. Сакам да ги повикам сите од Македонија да се вклучат во оваа акција, бидејќи сега е моментот. Нема веќе одложување и седење во ѓубре. Најдобро е сите заедно сега да засукаме ракави и да се вклучиме во акција“, порача волонтерка од Полска.
„Секој еден од нас треба да се вклучи во ваква еколошка акција, со цел да ја направиме нашата средина поубава за живеење“, рече Стефан Николовски, волонтер.
Освен граѓаните, активно се вклучија и претставници од институциите. Со вреќи во рацете, отпад собираа и претседателката Гордана Силјановска Давкова, министерот за животна средина Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
„Ние треба да си ја заштитиме природата, оти штитејќи ја неа, се штитиме себе. Јас предлагам следниот пат да тргнеме од дворот на Собранието. Сте виделе ли како изгледа таму? – Мислам дека е време да сфатиме дека „Генералка викенд“ треба да прерасне во генералка 365 дена“, изјави претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Само во април 2024 година, подигнати и транспортирани се 1.995 кубни метри отпад од диви депонии, а вкупно во текот на годината биле отстранети 2.970 кубни метри отпад.
Тамара Марковска