Далеку сме од рецесија, но поради повисоката царина од САД ќе има турбуленции на пазарите. Откако американската Влада пресмета повисока царина за увоз од Македонија, домашните експерти ги анализираат последиците. Велат рано е да се зборува за рецесија, но предупредуваат дека мора брзо да се делува, во спротивно ударот ќе биде поголем.
„Поволна ситуација е што ние сè уште имаме евтина работна сила, сè уште имаме определени поволности, добро сме лоцирани геогравски. Меѓутоа ако продолжи оваа трговска војна, ако продолжат ограничувањата, ако се преполови производството на дел од автомобилската технологијата, индустријата, ние во тој случај можеме да бидеме погодени“, смета универзитетскиот професор, Борче Треновски.
Поради новите американски царини, европските држави ќе мора да ги прекројат своите буџети, а македонската економија да се прилагоди на промените.
„На пример некои програми за субвенционирање, некои програми за поддршка на капитални инвестиции може би ќе го сметан приоритетот во периодот кој доаѓа. Автомобилската индустрија, техниката голем дел од преработувачките индустрии може после определен период лесно да се приспособат и да се пренаменат да се вклопат во таа потрошувачка и во таа структура на буџети“, додава Треновски.
Премиерот Мицкоски, пак, очекува корегирање на одлуката за царината на САД, бидејќи се работело за грешка. Иако вчера најави дека многу скоро ќе има добри вести за македонската економија, не открива што точно се преговара со тамошната администрација.
„Процесот е сензитивен и затоа не би откривал ништо во јавноста, додека не се заврши договорот затоа што пристапот е таков, додека се не се заврши немаме ништо, кога се ќе се заврши тогаш ќе излеземе во јавноста со детални информации“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Американската Влада воведе нова повисока царина од 33 отсто за увоз од Македонија. Методологијата по која што е пресметана ваквата стапка наиде на реакции од многу светски економии и нобеловци.
Ирена Чачкова