Вести Економија Македонија Свет Топ вести

Трамп и воведе царини од 33% на Македонија, скоро како Кина која доби стапка од 34% и повеќе од ЕУ која ќе има царини од 20%

Американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе царините кои долго време ги најавуваше како решение за економски развој на САД. Сите држави во светот ќе добијат царини, а стоката од “најсреќните” ќе биде оцаринета со 10% што е минималната стапка.

Македонија не е на тоа ниво, туку Трамп одлучи да и воведе царини од 33% што според неговите пресметки е половина од 65% македонски царини за американски производи увезени во државата. Нема објаснување како американската администрација стигнала до бројката од 65% македонска царина на производи од САД.

Македонија е речиси израмнета со главниот економски конкурент на САД, Кина која доби стапка од 34% царина за своите производи извезени во САД. Кина, Мексико и Канада се трите најголеми извозници на стока во САД.

Европската Унија како заедница е со царина од 20% на извозот во САД. Глобалните царини за извоз во САД, Трамп ги потпиша на ден кој го нарече “Денот на ослободување” иако потегот носи големи ризици и стравувања за идната трговија на светско ниво.

Велика Британија, Австралија, Турција и Украина се на минималното ниво од 10% американски царини. Највисоки стапки регионално гледано, Трамп им досуди на државите во југоисточна Азија, Камбоџа е на ниво од 49%, а Лаос на 48%. Рекордер е малата затворена држава Лесото во Африка за чии производи ќе се наплаќа царина од 50% во САД.

Србија е на ниво од 37%  додека Албанија и Косово се на минималните 10% царина за извоз во САД.

Трамп смета дека царините се реципрочна мерка која ќе придонесе за намалување на увозот и зголемување на продажбата на производи “made in USA”. Најголем дел од неговите поддржувачи мислат дека странските држави ќе ја плаќаат царината, а не дека таа царина ќе биде додадена на цената која ќе ја плаќаат американските потрошувачи.

Македонија во јануари 2025-та имала позитивен трговски биланс со САД (поголем извоз од увоз на американски производи) покажуваат анализите на Државниот завод за статистика. Македонија извезла стока во вредност од околу 21.800.000 долари. Со царинската стапка од 33%, цената на таа стока ќе биде за третина поскапа односно кога ќе стигне на американско тло ќе чини околу 29 милиони долари поради што ќе поскапат и македонските производи на американскиот пазар.

Повеќе држави како и ЕУ најавија реакции и контра мерки во трговската војна која ја отворија САД и Трамп.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе