Се подобрува здравствената состојба на повредените од пожарот во Кочани. Денес на домашно лекување од македонските болници заминуваат девет пациенти, а до крајот на денот на болничко лекување ќе останат 15 пациенти.
Осуммина од повредените од странските болници се враќаат, но стотина остануваат на лекување.
Министерот за здравство, Таравари, изјави дека состојбата на пациентите се подобрува, а бројот на луѓе кои дишат самостојно се зголемува секојдневно. Остануваат критични четири пациенти, кај кои денес е забележано мало подобрување.
Сите пациенти се во добра и стабилна состојба, освен оние четири пациенти кои веќе беа критични и продолжуваат да се критични. Но и за нив имаме нови информации кои велат дека и нивната состојба е малку подобра отколку вчера. Меѓутоа сè уште се во релативно тешка здравствена состојба, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Тимови пластични хирурзи од Скопје вчера биле во кочанската болница. Утврдиле дека има добри услови за работа, но нема кадар и потребни материјали. Сега се подготвуваат материјалите и тимовите кои ќе одат таму да прават прегледи на пациентите со помали изгореници.
Директорката на Клиниката за пластична хирургија апелираше да не се користат мелеми од социјалните мрежи бидејќи не е познато дали тие се стерилни и безбедни за употреба.
Вчера некој ми спомена дека на социјалните мрежи има некои мелеми кои се продаваат. Не знаеме од какво потекло се и дали се стерилни. Апелирам тие мелеми да не се користат. Затоа ние формираме вакви групи на доктори и ги праќаме во Кочани за да може сите пациенти да се третираат во стерилни услови, со материјали кои се стерилни, се со цел инфекциите да ги сведеме на минимум, кажа Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
Вчера во земјава се вратија пет пациенти – еден од Атина и четворица од Шпанија. Сите беа прегледани на Токсикологија каде што добија соодветна терапија.
Резултатите на пациентите кои стигнаа од Шпанија се во ред и тие се пуштени на домашно лекување, додека за пациентот од Атина било одлучено да остане на болничко лекување.
Тамара Марковска