Приведен Ејуп Рустеми- истрага за тендерот за обезебедување патарини вреден 760.000 евра.
Наместо да бидат постојано и да ги обезбедуваат наплатните рампи цел ден како што било предвидено, обезбедувачите доаѓале само отсабајле во прва смена, а агенцијата наплаќала целосно.
Поради тоа првоосомничен е Џемал Билбилоски, сопственикот на агенцијата за обезбедување „2СС“ од Кичево која добила двегодишен тендер, а меѓу опфатените со истрага е и Ејуп Рустеми кој како поранешен директор на ЈП „Државни патишта“, не го контролирал извршувањето на обврските од договорот.
Договорот е потпишан во август 2022-ра на сума од околу 47 милиони денари, односно околу 760.000 евра, но не биле вршени сите обврски, поради што сопственикот Билбилоски е прв на листата осомничени.
„Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување за целиот период на договорот се до неговото раскинување“, соопштија од обвинителството и МВР.
Оосмничена е и фирмата, а покрај Рустеми и Билбилоски, осомничени се уште тројца раководители во „Државни патишта“, затоа што нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие.
Државните службеници се осомничени за злоупотреба на службената положба и фалсификување на исправи со кои биле реализирани наплатите, поради што истрагата е соочена со кратки рокови откако по измените на кривичниот законик – казните за функционерите со злоупотреба се намалија и ги скратија истрагите.
Компанијата „2СС“ беше ангажирана како обезбедување во М-НАВ кога 2023 година се случи пресметка во кулата на летање.
Миомир Серафиновиќ