Државните институции потрошиле 8,5 милиони евра за патнички возила во претходните две години, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Некои купени, некои земени на лизинг. Најскапа кола Шкода Скуперб Амбишн од 55 илјади евра купила општина Шуто Оризари. Слични суми потрошиле и Државната видеолотарија, Општина Битола и Општина Кавадарци. Општина Прилеп купила автомобил од 63 илјади евра, но соопштиле дека го раскинале договорот.
Анализата покажува дека на дури 70 отсто од тендерите имало по само еден понудувач. Само на четири од спроведените 72 тендери имало по рекордни тројца понудувачи.
Институциите ќе треба да направат сериозна анализа зошто, и покрај тоа што има многу фирми, на тендерите за автомобили со години нема конкуренција, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
„Прво, може да се спецификациите на возилата што се бараат толку нагодени на некое возило, што само фирмата што го нуди тоа возило да може да се пријави на тендерот. Втор случај може да е условите да се такви што само една фирма на пазарот ги исполнува тие услови за да може да учествува на тендерот и третиот случај – може и некои од фирмите понудувачи да имаат некаков неформален договор да не си се мешаат во пазарот или во набавките, односно да не доставуваат понуда ако не знаат дека тендерот е за нив. Може и да е сплет од овие причини, но од досегашното искуство, мислам дека тука негде треба да се лоцираат евентуални идни анализи“, вели Филков.
Институциите биле најголеми мераклии на Шкода, најчесто Суперб, а многу не заостанува ни Дачиа, чиј најчесто набавуван модел бил Дастер. Од вкупно набавени 269 коли, 90 биле Шкоди, 78 Дачии и 45 Пежоа.
За 10 години, просечната цена на набавена државна кола се зголемила за двојно. Во периодот 2013-2015 чинела околу 16 илјади евра, а сега скоро 32 илјади.
Најмногу државни возила набавиле ЕСМ – 82 возила за над 2,2 милиони евра, па службата за општи и заеднички работи во Владата – 45 автомобили за скоро 2,3 милиони евра. МВР купиле 28 коли, Агенцијата за национална безбедност 23, а Водостопанство 15 возила.
Набавени возила од владата се 45-те Шкоди Суперб за сегашни и поранешни функционери, земени на лизинг, кои чинеа по 50 илјади евра. Освен на актуелните функционери, овие коли им следуваат и на поранешните претседатели и премиери – Бранко Црвенковски, Ѓорге Иванов, Стево Пендаровски, за сопругата на загинатиот претседател Борис Трајковски, како и за Талат Џафери и Димитар Ковачевски.
Од фирмите од кои се набавувани колите, најмногу се офајдиле Порше лизинг и Аутомотив груп со по околу 2,8 милиони евра. Еуроимпекс заработиле над 1 милион евра, а Јосифов ДООЕЛ и Делукс ауто по над 600 илјади евра.
Срѓан Стојанчов