За утре е закажана седница на собраниската комисија за надзор на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, стои на веб сајтот на Парламентот.
Но, претседателот на комисијата Скендер Зејд Реџепи во телефонски разговор ни тврди дека тој не ја закажал седницата бидејќи е на боледување после операција.
„Разбрав дека има закажано седница и дека мојата комисија ја закажал Гаши по барање на третина пратеници од комисијата и сите се од ВМРО-ДПМНЕ. Јас сум на боледување околу два месеци после операција на колк и морам да мирувам. Не знам кој ќе ја води седницата бидејќи и заменик-претседалот Блерим Беџети не е тука. Планирам да ги известам странските амбасади“, ни рече Скендер Зејд Реџепи.
Комисијата за надзор на тајните служби секогаш ја води како претседател- пратеник од опозицијата. Во актуелниот собраниски состав, претседателското место на оваа надзорна комисија го доби Европскиот Фронт, коалиција предводена од ДУИ. Без разлика на тоа, парламентарното мнозинство го има и мнозинството во оваа надзорна комисија.
Претседателот на Собранието Африм Гаши ја назначил пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска да ја води седницата. Седницата е свикана од спикерот по деловничка одредба дека тој има право да свика седница на работно тело во случај работното тело да нема претседател или кога претседателот не свикува седница, а е должен да ја свика.
Во ноември, веќе имаше една седница на комисијата на која беше повикан директорот на АНБ, Бојан Христовски за да биде распрашан за неговата биографија и да одговори на сомнежите за партиски бекграунд.
Но, таа седница беше прекината поради расправија меѓу власта и пратеникот Зејд Реџепи затоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои имаат мнозинство бараа на дневниот ред да се стави посета на двете тајни служби за да се проверат наводите на премиерот Мицкоски дека бил следен пд службите додека беше во опозиција.
Реџепи тогаш тврдеше дека посетите не може да се реализираат бидејќи тој како комисиски претседател нема безбедносен сертификат и ја прекина седницата.
„Сè уште немам сертификат. Чекам неколку месеци веќе и немам одговор на барањето за добивање безбедносен сертификат“, ни изјави Реџепи.
Сертификатот го издава Дирекција за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ) откако за лицето ќе добие позитивна безбедносна проверка која ја врши АНБ.
Токму посета на АНБ и посета на Агенција за разузнавање се на дневниот ред на утрешната седница на надзорната комисија чиј претседател тврди дека е закажана без негово знаење додека е на боледување после операција.
Миомир Серафиновиќ