Раст на БДП од 3,2 проценти во четвртиот квартал лани, пресметале од статистика. Главно е движен од градежниот сектор и услужните дејности. Од извештајот на статистичарите може да се види дека во овој квартал, во однос на истиот период лани, има минимално зголемување на потрошувачката од домаќинствата, но се зголемиле трошењата на државата и тоа за 6, 8 отсто. За познавачите овој раст не е негативен, но сè уште е силно притиснат од инфлацијата која е речиси 5 отсто.
„Не е негативен, позитивен е. Меѓутоа еден ваков квартал не значи баш ништо. Друго самиот податок не е многу битен, затоа што треба да се земат во предвид и други податоци, пред сè, со инфлацијата. Кога имате инфлација, која што е над просекот скоро 5 отсто, тогаш еден ваков податок фактички не збори ништо особено“, вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Според Узунов, претходната влада за да го движи растот ја стимулирала потрошувачката, а оваа е насочена кон инвестициите. Но, смета дека ниту еден модел не е добар и е погрешен.
„Но, ниту претходниот модел не беше добар, ниту овој сам по себе. На Македонија ѝ треба друг модел за кој самите влади не се спремни сами по себе, да видиме пораст на индустриското производството, извозот на стоки и услуги, конкурентноста. Тие структурни промени мене ќе ме радуваат и ќе речам да ова е правилниот правец, ова е издржливо. Сите овие вакви работи се играчки, краткорочни, предизборно, зад изборно и на граѓаните нема ништо добро да им донесат“, смета Узунов.
Падот на извозот од 6 отсто уште еднаш ја потврди кризата во Германија која се провлекува подолго време, но проблеми има и во други делови од Европа. Според последните податоци на Еуростат, стапката на инфлација во земјите од ЕУ има благо намалување, по неколкумесечниот раст. Со најмала стапка е Франција, а најлошо стои Естонија каде е 5 проценти.
Со последната бројка за раст на БДП, познавачите сметаат дека 2024 година би се завршила со стапка на раст од околу 2 проценти, блиску до прогнозата на Светска банка, но и на онаа владината. Сепак, за да може земјава да се доближи до европскиот просек, треба да генерира стапки од 4 и 5 проценти кои би се задржале подолго време и за кој постојано се зборува.
Ивана Чачкова