Еден од ретките припадници на СДСМ кој активно се бори против родовата идеологија која за приоритет ја има еднаквоста на жените со мажите во општеството, струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов преку ФБ статус објави дека партијата се откажала од родовата еднаквост и сподели најава за осмомартовскиот женски марш во Струмица.
Тој ги обвини и ВМРО-ДПМНЕ дека работат спротивно на нивните јавни ставови за родовата идеологија.
„СДСМ го менува пристапот! СДСМ покажа слух за оправданиот револт на сите нас. Жената мора да биде ставена на прво место, родот тргнат! Останува сега на оние кои хараа и жигосуваа луѓе, држеа прес-конференции за тоа колку биле против родови идеологии, а денес допрецизираат закони во кои брутално ја афирмираат родовата идеологија која цел свет ја оттргнува. Срамота, за ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Костадинов.
Бихаќка му врати без да го спомне неговото име преку соопштение и Фејсбук статус.
-Во духот на социјалдемократијата е да се гради праведно и инклузивно општество. Тоа може да се постигне само преку адресирање на општествените и економските нееднаквости. Само така можат да се надминат стереотипите и на сите граѓани да им се овозможи еднаков пристап до можности и ресурси. Борбата за родова еднаквост на СДСМ во нашето општество многупати е докажана. СДСМ останува посветен на своите основни вредности. Официјалните партиски ставови ги градат членовите на седници на соодветните партиски тела и органи преку дебата. Индивидуалните ставови градени на други места не се ставови на партијата, соопшти СДСМ, чиј дел од активностите се и борбата за родова еднаквост.