Вести Македонија Топ вести

Постојано има шуга во Македонија – смирувачки тонови од ИЈЗ по откриениот случај во Куманово

Во целото училиште ОУ „Кирил и Методиј“ во кумановското село Романовце, во кое беше регистриран случајот, направена е епидемиолошка анкета кај сите ученици кои во моментов не ја следат наставата. Востановено е дека сите се отсутни поради други причини, велат од Центарот за јавно здравје Куманово. Во училиштетето се преземени сите потребни мерки и нема простор за паника, смета д-р Рамизи.

„Во однос на случајот направен е епидемиолошки увид во училиштето каде што се дадени следниве препораки: изолација на заболениот ученик, третирање и лекување до целосно закрепнување на ученикот. Третирање на членовите на семејството, засилена хигиена во училиштето“, изјави д-р Едита Рамизи од Центар за јавно здравје Куманово 

„Во текот на вчерашниот ден, при направениот епидемиолошки увид, контактирав со родителите на сите ученици кои беа отсутни, така што во разговор со сите родители констатиравме дека ниту еден ученик не разви симптоми на кожната болест асоцирани со Scabies, туку отсуствуваат заради вирози, грип и други причини“, додава д-р Рамизи. 

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, во јануари во 2025 година се регистрирани 28 случаи на шуга, што е идентично со истиот период минатата година. Сепак, доколку се има предвид цела 2024 година, се забележува зголемување на бројот на пријавени случаи во споредба со минатите години.

„Во 2024 за цела година регистрирани се вкупно 493 лица, што е за 46,3%  повеќе во однос на 2023 кога биле регистрирани 337 лица.  А за 48,5% повеќе во однос на десетгодишниот просек од 2014 до 2023, значи во сме забележале како Институт дека има зголемување на бројките“, вели д-р Марија Андоновска, директорка на Институт за јавно здравје (ИЈЗ).

Најголем број на случаи во 2024 година се регистрирани во Скопје 182, во Куманово – 108 и во Гостивар – 101.

„Шугата се пренесува со интензивен и долготраен контакт, што значи преку облека која се користи долго време, преку постелнини, преку контакт лице со лице, но да биде долготраен контакт. Не може да се пренесе така едноставно. Колективите се често места каде што се пренесува, како училишта, градинки и домови за стари лица“, додава д-р Андоновска. 

Симптомите на шугата може да се јават четири до шест недели по инфекцијата. Најчесто се манифестираат како силно чешање, кое е најинтензивно ноќе. Главно се појавува во густо населени заедници, социјално загрозени групи и во сите средини во кои свеста за хигиента е на исклучително ниско ниво.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Раст на цените на јајцата во ЕУ 

Дејан Дејан

Според истражување во Србија 70 отсто од испитаници не гледаат решение во власта и опозицијата

Дејан Дејан

Зеленски најави привремен чекор кон договор за суровини со САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе