Договорот за економска „компензација“ што Вашингтон му го понудил на Киев вклучува повеќе од контрола на критичните минерали во земјата – тој опфаќа сè, од рудни богатства, преку пристаништа и инфраструктура па до нафта и гас и поголема база на ресурси во земјата, објави британски Телеграф, повикувајќи се на нацрт-прелиминарниот договор кој бил подготвен и предаден од САД на Украина на 7-ми февруари.
Во него се наведува дека САД и Украина треба да основаат заеднички инвестициски фонд за да се осигураат дека „непријателските страни во конфликтот нема да имаат корист од обновата на Украина“.
САД и Украина би ја делеле добивката на пола, според предлогот на Трамп.
САД ќе добијат 50% од тековниот приход на Украина од екстракција на минерални ресурси и 50% од финансиската вредност на „сите нови лиценци издадени на трети страни“ за идната експлоатација на минералните ресурси кои ги има Украина. Ќе има и „заложно право за такви приходи“ во корист на Соединетите Држави.
„Оваа клаузула значи „прво плати ни, па нахрани ги твоите деца“, изјавил извор запознаен со преговорите за соработка на САД и Украина, пренесе Телеграф.
Телеграф ги споредува условите кои администрацијата на САД ги поставува на Украина која се брани, со условите и договорите за репарација за Германија по Првата светска војна, па дури вели дека понудата на Трамп е полоша и зафаќа поголем процент од државното БДП отколку што бил договорот со поразената Германија во Првата светска војна која заврши 1918-та година.
Условите повеќе наликуваат на американска економска колонизација отколку на партнерство, аналозора Телеграф. Со предлог-договорот е предвидено да се користи правниот систем и законите на Њујорк наместо било кои други национални, украински закони или меѓународното право.
Во нацрт договорот и во преговорите досега не била спомната репарација од Русија за наплата на штетите од тригодишната војна.
Зеленски, претходно понуди потпишување на договор со САД за заедничка експлоатација на минерали на украинсла територија при што американските инвестиции би станале своевиден штит пред руската агресија и нападите.
Трамп пак бара Украина да ја врати помошта која ја добила во САД откако Путин нареди напад врз соседната држава. Иако Трамп тврди дека досега, во три години војна, САД дале 300 милијарди долари помош, проценките на Телеграф се дека Вашингтон на Киев му има испорачано и одобрено преку Конгресот околу 175 милијарџи долари секаков вид на понош (финансиска, хуманитарна, воена, храна и лекови). Од тие пари, 70 милијарди долари биле потрошени во САД, за производство и развој на оружје и воена опрема.