Украинскиот претседател Володимир Зеленски одбил да го потпише нацрт-договорот според кој половина од ретките минерали во Украина ќе бидат предадени на американски компании во замена за воена помош.
Зеленски изјави дека билатералниот договор за клучните минерали не содржи одредби со кои ќе се заштитат интересите на Киев.
Единствената можна безбедносна компонента би била распоредување на американски војници за заштита на рударските локации, но само во случај на договор за прекин на војната со Русија.
„Тој сè уште не е подготвен да ги заштити нашите интереси“, рече Зеленски на прес-конференција на маргините на годишната Минхенска безбедносна конференција, на која се собраа глобалните политички и воени лидери.
Зеленски го претстави договорот во интервју за Ројтерс минатата недела, разоткривајќи мапа на која се прикажани бројни наоѓалишта на минерали и велејќи дека тој нуди заемно корисно партнерство за нивниот заеднички развој, а не за нивно подарување.
Предметните минерали вклучуваат титаниум, ураниум и литиум. Трамп, кој не се обврза да продолжи со воената помош за Украина, рече дека сака 500 милијарди долари минерали со кои располага Киев и дека поддршката на Вашингтон ќе биде „обезбедена“.
Претходно блиски соработници на Трамп сугерираа дека договорот за минерали може да послужи како еден вид „економски штит“ кој ќе и покаже на Москва дека САД имаат конкретни интереси во Украина.
Прашањето за експлоатација на минерали стана едно од клучните прашања во одржувањето на американската поддршка за Украина. Во четвртокот, средбата на украинскиот претседател со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција беше одложена, бидејќи Украинците сакаа во последен момент да направат измени на предложениот договор за минерали.
Според американските пратеници кои се сретнаа со Зеленски во Минхен, украинскиот претседател нагласил дека внимателно го проучува американскиот предлог за да се увери дека е во согласност со украинските закони.