Oд увоз до рафт во маркет маржата на некои производи достигнува 40, па дури и 70 отсто. Ова го покажале анализите на пазарниот инспекторат кои деновиве ја проверуваат документацијата на производителите, добавувачите трговците, односно на целиот ланец. Ова значи дека ако увозната цена на еден производ е 1.000 денари до маркетите оди со цена од 1.400, па и повеќе денари. Од пазарна за Телма соопштуваат дека со вакви маржи се отвара простор за интервенција, но дали и какви мерки ќе се воведат оставаат на Владата.
Најавите се дека извештајот од анализите треба да го добие Министерството за економија, а утре и на владина седница да се дискутира дали и како ќе се решава проблемот со цените.
Но, од економија кој се едни од главните креатори на ваквите мерки денеска останаа воздржани за коментар.
Од бизнисот пак велат ако се интервенира да се внимава мерките да бидат во согласност со пазарната и економска логика. За високите цени проблемот го гледаат и во царинските стапки кои се едни од повисоките во регионот. Бараат да се тргнат.
Имаме еден куп царински стапки за роба за широка потрошувачка до 65 проценти а имаме субвенционирана даночна стапка од 5 отсто заради чување на стандардот на граѓаните. Што е нелогично. Треба комплетно да се тргнат царинските стапки за роба за широка потрошувачка кои го загрозуваат стандардот на граѓаните. За една земја имаме 30 проценти царина за другата 0 за трета друга стапка. Треба за роба за широка потрошувачка царината да биде 0, а парите во буџетот заради укинување на царинските стапки да се надомести од други извори на финансирање, вели за Телма стопанственикот Џемаил Даути.
Од пазарна утврдиле и дека помеѓу 25 до 30 отсто изнесувала пресметаната трговската маржа кај бебешката храна, опрема за бебиња, детергенти, хемиски производи. Проблемите со цените се провлекуваат подолго време. Но, новогодишната кошничка со која едни производи поевтинија, а други значително поскапеа ја прели чашата, па граѓаните одлучија да одат на бојкот.
Најголемо поскапување има кај зеленчукот. Додека се чека новиот извештај за инфлацијата ССМ пресмета трошоците се зголемиле за околу 400 денари, односно за едно четиричлено семејство надминуваат 1.000 евра. Но, Владата ја оспори кошничката и побара нов начин на пресметка.
Ирена Чачкова