Седумнаесетти по ред на листата на советници, но со датум до 31 јануари. Името на нефрологот Игор Николов за кратко ќе биде избришано од списокот на советници на премиерот Мицкоски.
Досегашниот надворешник советник за реформи во здравство ќе биде испратен како амбасадор во Франција. Ова денеска го потврди премиерот Мицкоски, кога беше запрашан за имињата на неговите советници.
Николов не е кариерен дипломат, туку е познат на јавноста по неговиот докторски ангажман на Клиниката за нефрологија во Скопје. Претседател е на Комисијата за здравство на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со бројни прес-конференции и критики за здравствениот систем во минатото.
По промената на власта, д-р Николов бил вработен во Владата како советник на Мицкоски, со плата од, речиси, 1.500 евра, сума која премиерот ја обзнани на вчерашната прес-конференција во владиниот прес-центар.
„Еден од тие којшто беше со полно работно време е проф. д-р Игор Николов. Тој беше мој советник во делот на здравствената политика чијшто договор ќе престане бидејќи во текот на вчерашната седница беше предложен од страна на Владата да биде нов амбасадор на нашата држава во Франција“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Доктор Игор Николов е роден во 1975 година, а од 2002 година работи на Клиниката за нефрологија, две години откако го завршил Медицинскиот факултет во Скопје. Во неговата биографија објавена на веб-страницата на Медицинскиот факултет, пишува дека тој пред, речиси, две децении бил на стручен и научен престој во болницата Некер во Париз, во лабораторија на Клиниката за Нефрологија. Во 2009 година завршил докторски студии на Медицинскиот факултет при Универзитетот Пјер и Марија Кири во Париз.
Инаку, на 24 декември минатата година, Собранието усвои две автентични толкувања на Законот за надворешни работи. Се однесуваат на два члена од Законот за надворешни работи, а со тоа се предвидува да нема простор за прескокнување на фазата на одбрана на тезите на амбасадорите коишто се упатуваат во странство.
Во делот на процедурата, според член 37 од Законот за надворешни работи, врз основа на претходна усогласеност помеѓу претседателот на државата и министерот за надворешни работи, постапката за именување амбасадор ја поведува министерот кој до Владата доставува предлог. Потоа Владата писмено го информира претседателот, а шефот на државата писмено се изјаснува најдоцна во рок од 30 дена. По добивањето на позитивниот став од претседателот во однос на предлогот за кандидат, МНР од државата на приемот бара агреман за кандидатот за амбасадор.
Петар Догов