Кој ги остави пациентите со рак без биолошка терапија? Нови отровни партиски стрели – стара адреса. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинува за вештачки креирана криза на Онкологија од која профитира веледрогеријата д-р Пановски.
Ја нарекоа мафија на смртта поддржана од екс-министерот Филипче. Пратеникот Левков денеска потенцира дека за 3 години компанијата зела 35 милиони евра тендери само од Онкологија.
Онкологија и државата се заложници на оваа веледрогерија со огромни профити, која креира вештачки кризи секоја година. Венко Филипче јавно да излезе и да каже дали ја поддржува оваа веледрогерија во кризата која ја прави и дали тој стои зад истата. Го повикуваме ЈО веднаш да постапи и отвори случај, а истовремено да каже до каде е со истрагите од случајот „Диво месо“, рече левков.
Веледрогеријата Пановски во обвинувањата на пратеникот Левков гледа клевета и директна закана. Одговори со најава за правна разврска и аларм кај меѓународните организации.
Зад квалификациите дека „Д-р. Пановски“ е омилена партиска веледрогерија се кријат бизнис интереси чија цел е да се наместат нови доставувачи на лекови и медицински материјали и опрема, пишува во нивниот демант.
Ваков говор на омраза е многу опасен преседан за македонските компании, креира правна несигурност. Апсолутна невистина се обвинувањата дека АД „Д-р. Пановски“ ја диктира ценовната политика на лековите и со тоа наводно го уценува јавното здравство со високи цени за онколошка терапија. Законот за формирање на цени на лекови е донесен во 2007 година со кој се регулира начинот на формирање на цените на лековите, каде јасно стои дека одговорни за методологијата за формирање на цени се Министерството за здравство и одделот за формирање на цени на лекови при министервото, велат од Веледрогерија „Д-р Пановски“.
Од обвинителството пак во одговор за Телма, потенцираат:
Доколку Фондот за здравствено осигурување или друг надлежен орган констатира и извести дека причината за недостигот на терапија на Клиниката за онкологија или друга здравствена установа е резултат на непреземени дејствија од одредено службено или одговорно лице кое имало законска обврска да ги преземе или на злоупотреба од друг вид, Јавното обвинителство веднаш ќе постапи и ќе оформи предмет, соопштуваат од ојо.
И додека пацинетите со рак повеќе од една недела чекаат на неопходната терапија, се нижат партиски преписки, но го нема првиот човек во здравството Таравари да објасни зошто извисија најтешко болните.
СДСМ и денеска бара негова оставка, како и оставки на директорите на онкологија и на директорот на Фондот за здравство, Сашко Клековски.
Весна Јовановска Дојчиновска