-Во САД имавме навистина содржајни средби што траеја повеќе од час и половина, каде можевме да ги претставиме нашите приоритети како Влада, кои се потенцијалите на државата, но истовремено и предизвиците со кои се соочувавме во минатото и со кои ќе се соочуваме во иднина. Мислам дека испративме порака дека оваа Влада како стратешки партнер на САД, има намера да ги јакне врските меѓу двете земји уште повеќе и на уште повисоко ниво, а тоа значи сигурна иднина за македонските граѓани, е оценка на премиерот Христијан Мицкоски за неговата посета на САД за време на инаугурацијата на Трамп.
Мицкоски во интервјуто на дневникот на МРТ, говорејќи за средбите што ги остварил за време на работната средба во Вашингтон, рече дека се видел со луѓе кои се „глас“ во периметарот на претседателот Трамп.
Дел од средбите биле презентирани во јавноста преку официјалните објави преку владините соопштенија, но Мицкоски потенцираше дека за дел од средбите македонските граѓани дополнително ќе дознаат, бидејќи уште не се објавени, а се значајни за нас како држава.
Мицкоски посочи дека опозицијата не ја гледа суштината и дека она што се случи во Вашингтон се моменти кога можеби се одлучувачки за иднината на нашата држава.
-Јас ги следам случувањата дома и тоа што го прави опозицијата и поединци блиски до опозицијата за мене е разбирливо, бидејќи нормално е дека тие сакаат тема на оваа посета да биде дали сме добиле покани, дали некоја ПР агенција ни ги набавила тие покани, дали сме ги купиле. Тие не сакаат да ја гледаат суштината. Во периодот што следи ќе видат за некои работи кои се случуваа во Вашингтон, а се практично моменти кога можеби се одлучува суштината и иднината на Македонија и иднината на граѓаните, рече Мицкоски.