Стравуваат дека ќе останат без вода за наводнување. Земјоделци од 14 села на потегот од Гостивар до село Жеровјане, денеска излегоа на протест, барајќи да се врати во првобитна состојба каналот, во делот што минува низ градското подрачје, кој со инфраструктурни зафати е покриен и поставена е помала цевка со која трипати е редуцирана пропусноста. Истиот го користат над 400 земјоделски семејства.
„Под хитно да го решат овој проблем и водата која течела низ овој канал за наводнување цели 60 години повторно да тече поради егзистенција на и така напатените земјоделци од овој крај. Бараме во рок од најмогу 20 дена да бидеме известени за премезените мерки, за да не се доведеме во несакана ситуација бидејќи времето на подготовка се ближи“, изјава Живко Јованоски, земјоделец.
Од гостиварската подружница на Водостопанство велат дека иако тие стопанисуваат со каналот, Општина Гостивар не ги информирала за градежните активности. За проблемот биле запознаени во септември минатата година, по што преку Водостопанство Скопје се обратиле до сите надлежни институции.
„Имаат барање до Општина се врати каналот во првобитна состојба, имаат поднесено барање и за понатамошна постапување до МЗШВ, имаат пријава до МВР за преземање на градежни активности недозволено во каналот, имаат интервенција до државен инспекторат за животна средина и до ЗЕЛС исто поднесено допис и чекаме да се реши тоа намирен начин по законски законски пат како што прилега“, изјава Јулијана Николиќ раководител на Подружница Гостивар при АД Водостопанство на РСМ Скопје.
Од Општина Гостивар, пак, велат дека покривањето на каналот било направено по барање на жителите на населбата, затоа што истиот претставувал закана за животот и здравјето на граѓаните, а во него се излевале и отпадни води.
„Со последната инвестиција, Општина Гостивар ги раздели отпадните води од оние наменети за наводнување, со што ситуацијата се подобри во корист на граѓаните и земјоделците. Уверуваме дека течението на водата низ каналот не е прекината, туку поставен е систем на цевки низ кој тече и се спроведува. На овој начин само придонесовме за зголемена безбедност на жителите“, соопштуваат од Општина Гостивар.
Целокупната должина на каналот Здуње – Пирок е 15 километри и наменет е за наводнување на земјоделски површини од вкупно 3.600 хектари.
Данијела Билбилоска