Првиот фаворит и актуелен бранител на трофејот на Австралија опен Јаник Синер го загуби првиот сет, но се врати за да обезбеди место во третата рунда на грен слемот.
Синер го загуби првиот сет уште од октомври минатата година и тоа со 4-6, но потоа експресно се врати против Тристан Скулкејт со 6-4, 6-1 и 6-3 за место во 3.коло во Мелбурн. Италијанецот за следен ривал го има Маркос Гирон, кој пак во пет сета го победи Томас Мартин Ечевери.
Четвртиот носител Тејлор Фриц го победи Кристијан Гарин во три сета и му препушти на ривалот само три гема. Холгер Руне во четири сета беше подобар од Матео Беретини, а Миомир Кецмановиќ го изненади Хуберт Хуркач и го победи во три сета.
Пласман понатаму обезбедија и Карен Хачанов, Гаел Монфис, Лоренцо Музети, Бен Шелтон, Лоренцо Сонего и Фабијан Марожан, кој пак го изненади Франсес Тиафо.
На женскиот дел од грен слемот, втората фаворитка Ига Швјонтек беше сигурна и со 6-0 и 6-2 ја победи Ребека Шрамкова од Словачка. Во следното коло Пољачката ќе се соочи со Ема Радукану, која пак беше подобра од Аманда Анисимова.
Шестата фаворитка Елена Рибкина ја победи Ива Јовиќ со 6-0 и 6-3, а во третото коло се пласираше и Онс Жабер по победата над Камила Осорио во два сета. Место во следната рунда обезбедија и Дарија Касаткина, Ема Наваро, Јулија Пуницева, Елина Свитолина, Медисон Кијс и Даниел Колинс.