15,5 километри во должина, над 37 милиони евра вкупна вредност. Власта, но и опозицијата денеска се пофалија со изградба на делницата Градско – Дреново, од експресниот пат Градско – Прилеп.
Дополнително, од денеска е пуштен во употреба и еден километар од делот Дреново – Фариш. Директорот на „Државни патишта“, Коце Трајановски, кажа дека останатите девет километри од оваа делница ќе бидат пуштени во употреба за неколку месеци.
Експресниот пат еден од клучните делови во пошироки рамки или „транс-европската транспортна мрежа“, истиот е дел од Коридорот 10 и ја зацврстува стратешката позиција на Македонија. Ова го порача евроамбасадорот Михалис Рокас.
Од вкупната вредност од 37 милиони евра, 70% се од ИПА-фондовите.
Покрај евроамбасадорот, на пуштањето во употреба на делницата беа присутни повеќемина министри во придружба на премиерот, пратеници и градоначалници.
Трајановски од „Државни патишта“ порача дека до јуни 2024 година се изградени 80% од патот и и им се заблагодари и на претходниците за придонесот.
„Покрај косините, беа направени еластичните огради покрај патот, осветлувањето, хоризонталната и вертикалната сигнализација. Сето тоа е направено за неколку месеци. Да им се заблагодарам на сите оние коишто учествуваа од идеја па се до реализација на овие 80% од овој експресен пат, навистина честитки до нив“, вели Коце Трајановски, директор на ЈП за државни патишта.
„Работници немаше, активности немаше, не беа решени косините, а гледате сега како прекрасно изгледаат од двете страни од патот. И фалеа некаде околу 13 милиони евра за да се исплати и да се доврши реализацијата на овој експресен пат. Изведувачот се спремаше за арбитража и веќе првите чекори беа преземени. И како што кажав – работниците беа повлечени“, кажа Александар Николоски, министер за транспорт.
Oд Социјалдемократскиот сојуз веднаш се јавија со реакција. Велат експресниот пат Градско-Дреново е дел од визијата на СДСМ за патишта наместо барокни фасади, а актуелната власт се кити со туѓите перја.
На социјалните мрежи циркулира и видео од 4 мај 2024 година, во чијшто опис уште тогаш се вели дека работите на патот се завршени над 90%.
„Проектот e реализиран со над 92% од страна на претходната влада на СДСМ и опфати: Изградба на трите клучки кај Градско, Росоман и Дреново, четири вијадукти, сите мостови, надпатници и подпатници, поставување на 98% од асфалтот. Актуелната власт денеска ќе се кити со туѓи перја, завршувајќи само 50 метри асфалт пред пуштањето во употреба. Но, важно е што граѓаните конечно добиваат целосно функционален пат“, вели Миле Талевски од СДСМ.
Во рамки на другите инфраструктурни проекти, претседателот на Владата од говорницата порача дека со несмалена динамика продолжува изградбата на автопатот од Прилеп до Битола.
Мицкоски вели дека Владата се обидува да најде начин како да се обезбедат пари за завршување на обиколницата околу Битола до Граничниот премин „Меџитлија“. Во меѓувреме, продолжува и изградбата на Коридорот 8, на автопатот кој Кичево ќе го поврзе со Охрид.
Петар Догов