Државните институции за чистењето на снегот и мразот од патиштата во земјава склучиле договори за јавни набавки за зимско одржување на улиците и патиштата во вредност од 219 милиони денари, односно 3.569.106 евра.
Но оваа сума доправа ќе расте бидејќи уште 13 тендери се во тек, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Во него се посочува и дека речиси и да нема конкуренција на тендерите за зимско одржување на кои просечно има по 1,4 понуди по тендер, а на 71 % од тендерите имало само по една понуда
Склучени се вкупно 49 поединечни договори, коишто, покрај изнајмување возила и работници за зимско одржување, вклучуваат и набавки на сол и ризла за патиштата. Вакви тендери имаат: Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, 38 општини, Градот Скопје и Електрани на Северна Македонија, Центар за граѓански комуникации.
Истражувачите од Центарот за граѓански комуникации велат и дека Државното јавно претпријатие нема тендер за зимско одржување на патиштата.
Најголеми се тендерите на јавното претпријатие за одржување на патишта, кое засега има склучено три двогодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно. Но сите три договори се за набавка на индустриска сол и ризла за патиштата.
Јавното претпријатие сè уште нема склучено договор со некоја фирма за зимско одржување на патиштата, што значи дека патиштата треба да ги одржува со својата механизација.
Постапката за „ангажирање трети лица“ за зимско одржување на патиштата низ земјава е поништена во декември и веднаш е распишана нова со краен рок за доставување понуди на 10 јануари годинава, односно пред два дена.
Општините низ земјава за зимско одржување за оваа зимска сезона ќе потрошат 2,3 милиони евра за чистење на снегот од улиците и тротоарите. Овде се вклучени набавка на механизација, сол и ризла.
–Од сите нив, најголем е тендерот на Град Скопје, кој за оваа намена годишно троши по повеќе од половина милион евра. Од другите општини, највредни тендери за зимско одржување имаат Битола, околу 250 илјади евра, Кичево – 134 илјади евра, Центар – 116 илјади евра, Гази Баба – 113 илјади евра, Гостивар 96 илјади евра и Струга 92 илјади евра. Само за Скопје има повеќе од милион евра за справување со снегот и мразот, велат од Центарот за граѓански комуникации
Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации највреден договор, засега е оној за набавка индустриска на сол, а најголем договор има фирмата Лугос ЛЦ од Скопје, која со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта има склучено двегодишен договор за снабдување со индустриска сол за патиштата во вкупна вредност од 2 милиони и 300 илјади евра.
Викторија Јованова