Пациенти со симптоми на грип и заболувања слични на грип ги полнат амбулнатите. Матичните лекари велат дека пикот се очекува кон крајот на месецов и почетокот на февруари. Бројката на заразени и пациенти кои барале лекарска помош веќе се зголемуваат.
– Особено се жалат на малаксаност, главоболка, болка во грло, кашлица, покачена темература, тоа се најчестите симптоми на кои се жалат пациентите, вели Валентина Митрова специјалист по општа и семејна медицина ПЗУ „д-р Миташев“-Штип.
Митрова вели за ширењето на грипот придонесува и перидот на дружењето, домашните слави и празниците. Но, од друга страна позитивно е што зимскиот распуст е во тек и грипот барем засега нема да се пренесува и шири меѓу учениците. Лекарите препорачуваат за лицата со симптоми на грип да не се движат во групи, туку да мируваат во домашни услови, да земаат витамини и чаеви.
– Никако антибиотици на „своја рака“ без преглед и препорака од лекар. Оние што имаат хринични забиолувања, како дијабетес, покачен крвен притисок или астма, бронхит, да побарат совет од лекар веднаш, затоа што кај нив, посебно и кај повозрасните грипот може да биде сериозно заболување, вели Митрова.
Податоците на Институтот за јавно здравје објавени на 9 јануари говорат дека на ниво на држава се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, но се уште е под неделната граница за сезонска инфлуенца, што значи дека во Македонија во однос на регионот има низок интензитет на вирусот на грип. Над 72.000 граѓани во земјава се вакцинирале со бесплатни и комерцијални вакцини против сезонски грип.
Викторија Јованова