Обвинителен акт против 13 царински службеници и еден полициски службеник и обвинителен предлог против двајца царински службеници е поднесен за предметот под кодно име „Премин“. Тие се гонат дека примале мито од превозници на стока при царински прегледи во износ од 20 до 150 евра за да не прават пресметка и наплата на увозните давачки со што го оштетиле буџетот на државата. Притоа примениот поткуп го делеле меѓу себе.
Предметниот обвинител до судот доставил и предлог за одземање на имотната корист прибавена со кривичното дело. При претресите пронајдени биле речиси 52.000 евра, околу 663.000 денари, над 4.800 швајцарски франци, 530 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Истрагата беше отворена по полициската акција во Царинските испостави Ново Село и Дојран.
За две лица постапката е запрена.