Вести Македонија

Бугарската агенција за патишта делумно виновна за трагедијата на „Беса Транс“, судот додели оштета од по 10 илјади евра на семејствата на жртвите

Бугарската агенција за патна инфраструктура има делумна вина за трагедијата на експресниот пат Струма во која во автобус на „Беса Транс“ загинаа 45 македонски државјани, пресуди окружниот суд во градот Перник а на семејствата на жртвите ќе им бидат исплатени по 20 илјади бугарски лева односно нешто над 10 илјади евра.

Судот смета дека клучната вина е кај возачот на автобусот а лоцира 10 проценти од вината во Агенцијата за патна инфраструктура бидејќи делницата од патот имала максимална дозволена брзина според патната сигнализација како за автопат а станува збор за експресен пат.

За делницата нема издаден акт 16 за автопат и затоа има статус на експресен пат, при што делницата е отворена за сообраќај во 2007 година во фаза на акт 15.  Попречниот наклон на свиокот одговара на брзина од 90 км/ч, но нема патен знак за ограничување на брзината на потребните места. Возачот го возел автобусот со 106 км/ч со максимална дозволена брзина на делницата од 120 км/ч, се вели во пресудата.

Трагедијата се случи на 23 ноември 2021 година кога автобус на „Беса Транс“ во кој се наоѓаа 52 лица, удри во заштитната ограда на патот, се запали и целосно изгоре. Загинаа 45 патници. Автобусот беше дел од групата четири автобуси на компанијата кои се враќаа од организирана посета на Истанбул.

Граѓанската постапка во судот во Перник почна во јануари 2022 година а во август истата година роднините на настраданите поднесоа барање за обештетување од 750 илјади евра против Агенцијата и Бугарската асоцијација на осигурување возила поради голем број технички неисправности на коловозот, погрешни ознаки и знаци, неквалитетни заштитни огради и асфалт.

Во Македонија пак истрагата покажа дека автобусите на „Беса Транс“ вклучувајќи го и тој што изгоре над 130 пати излегле од државата со фалсификувани лиценци.

Во март минатата година во скопскиот Кривичен суд, Беким Хаџиу сопственик на „Беса Транс“ , доби една година и осум месеци затворска казна за фалсификување на документи, фирмата  доби четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз и парична казна од 800 илјади денари.

На 12 декември Апелација ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Одмазнички напади на Иран врз Израел, повредени најмалку пет лица

Дејан Дејан

Праксата покажа дека најдобро е и за повредените и за семејствата сите следни фази од лекувањето да се одвиваат во Кочани, вели директорот на ФЗОМ

Дејан Дејан

Федерален суд го блокира обидот на Трамп за промена на изборното законодавство во САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе