Извршна наредба за воведување санкции против поединци и субјекти кои придонесуваат за дестабилизација на Западен Балкан, како и за кршење на Охридскиот и Преспанскиот договор издаде американскиот претседател Џо Бајден пред да заврши неговиот мандат. Новина е што со санкциите ќе бидат опфатени и сопружниците и возрасните деца на санкционираните лица, како и лидерите или членовите, владини или деловни на санкционирани субјекти, како и оние под чија контрола се санкционираните лица или субјекти.
„Санкции ќе можат да се воведат за секој кој е одговорен или е соучесник во прекршувањето или во чин што го попречува или загрозува спроведувањето на кој било договор за регионална безбедност, мир, соработка или заемно признавање или претставува значителен ризик за извршување на такво дело поврзано со Западен Балкан. Ова ги вклучува и Договорот од Преспа од 2018, Охридскиот рамковен договор од 2001, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и Дејтонскиот договор“ стои во Указот на Џо Бајден, претседател на САД.
Со наредбата се опфатени и лица кои материјално помагале или обезбедиле друг вид на поддршка насанкционираните лица, потоа, оние што се контролирани да дејствуваат директно или индиректно за или во име на санкционираните лица.
Во наредбата стои дека Бајден се решил на ваков чекор со оглед на настаните на Западен Балкан, вклучително и континуираните обиди на поединци да го оспорат суверенитетот и територијалниот интегритет на нациите од Западен Балкан, да ги поткопаат повоените договори и институции, да се вклучат во значителна корупција што го нарушува владеењето на правото и довербата во демократското владеење.
САД досега имаат изречено санкции против 62 физички и правни лица од Македонија, БиХ, Србија, Црна Гора и Албанија.