После првата победа на Доналд Трамп и откриената злоупотреба на Фејсбук со ширење на дезинформации во политички цели, најголемата социјална мрежа ги воведе алатките за борба против дезинформации со користење на ткнр. трета страна односно групи и организации кои го спроведуваа процесот на проверување на факти во содржината која се објавува на мрежата. Иако мала и Македонија, особено Велес, беа посочени како дел од причината за „упадот“ во ФБ, поради ширењето на лажни вести.
Осум години подоцна, по втората победа на Трамп по еден мандат пауза, сопственикот и креаторот на Фејсбук, Марк Закерберг излезе на сопствената мрежа со 5-минутно видео и порача дека претходната одлука оди во историјата, а Фејсбук им „раскинува“ на фактчекерите.
Текстот и објавата носат наслов „Повеќе говор, помалку грешки“ и во него се објаснува дека проверката на факти веќе нема да се врши како досега туку како што тоа го прави конкурентската социјална мрежа Х (поранешен Твитер), со таканаречени Community notes (правила на заедницата). Новите правила ќе ги воспоставуваат самите корисници.
Враќањето назад доаѓа по силните критики на процесот за проверка и верификација на факти дека е политички пристрасен кон прогресивното и дека често се отстранувале содржини од ФБ по грешка поради што целата состојба беше окарактеризирана како цензура. Најмногу критика и напади дојде од десната страна на политичкиот спектар во САД, а имаше и закани дека „Закерберг ќе одговара“.
-Фактчекерите беа премногу политички пристрасни и уништија повеќе доверба отколку што создадоа, рече Закерберг во видеото.
Со новиот модел на проверка на дезинформации, самите корисници ќе може да реагираат на потенцијално лажните и неточни објави или пак објави за кои треба повеќе контекст наместо како досега кога ФБ ја префрлаше одговорноста на независни организации и експерти за проверка на факти.
Сепак Закерберг неколку месеци јавно почна да се врти кон ставовите на Трамп, беше и на постизборна средба со новиот претседател на САД, му донираше милион долари за тимот кој ја подготвува инагурацијата, а последниве денови забрзано ги менува членовите на извршниот одбор на компанијата Мета.
Прво за креатор на политиките на Мета (компанија во која покрај ФБ се и Инстаграм и Thread) е назначен Џоел Каплан, член на администрацијата на поранешниот претседател Џорџ Буш. Каплан (потпишан како автор на текстот „Повеќе говор, помалку грешки“) на местото претседател за Глобални прашања на Мета го замени досегашниот носител на таа висока ФБ функција, поранешниот член на британската влада Ник Клег. Во управниот одбор се наименувани три нови лица, сите блиски или на Трамп или на неговите идеи. Меѓу нив е и Дена Вајт, основач и главен директор на најпознатата боречка спортска организација UFC, кој бше еден од ретките кој беше дел од победничкиот говор на Трамп по изборот во ноември.
Дополнително со новите правила, Мета односно Закерберг порачува дека наместо замолчување сега ќе се даде шанса за слушање на различни мислења на влијателната социјална мрежа. Ќе се воведе и можност за персонализиран пристап до политички содржини односно на тие што се заинтересирани за политички теми, алгоритамот ќе ги „услужи“ со таква содржина.
Во говорот, Закерберг не го употребува терминот „говор на омраза“ (hate speech), но тврди дека социјалната мрежа ќе се бори против содржините кои промовираат тешки кривични дела како тероризам, шверц дрога, сексуална експлоатација на деца, онлајн измами.
И додека некои во потегот на Мета гледаат „признание“ за победата на Трамп врз Закерберг и Фејсбук, други пак толкуваат дека Мета со своите три социјални мрежи мора да се менува бидејќи претходно ветуваше дека ќе успее да ги модерира содржините на мрежите, пред се на Фејсбук, иако стануваше збор за огромна работа за која немаше доволно ресурси. Во операцијата против неточни информации, лажни вести и дезинформации Мета ќе употреби и алатка со вештачка интелигенција (AI).
Сега Фејсбук ќе треба да се регулира преку желбите создадени од самите корисници, а Мета заедно со останатите слични компании (Х, ТикТок, Truth) ќе се обиде да почне ново прераспоредување на пазарот на комуникации и медиумски содржини со традиционалните медиуми. Но, ќе мора да се борат и со ограничувањата и регулативата која за разлика од Трамповата Америка се уште постои во другите големи и богати играчи- демократските држави или блокови како ЕУ, Австралија, Далечниот Исток и големите држави во Јужна Америка.