Денот го поминуваат уживајќи на ски стазите, или во викенд куќите, но честопати патот до дома станува долг. Туристите кои ги посетуваат зимските центри во земјава, особено за време на викендите и празниците, наидуваат на големи гужви во сообраќајот, но и на лизгави патишта што го отежнуваат возењето.
Вчера попладне се создаде километарска колана од возила во Мавровскиот регион. Луѓето беа заглавени во автомобилите со часови. Низа реакции имаше на социјалните мрежи преку кои се искажуваше незадоволството од „функционалноста“ на системот.
Главен проблем за развој на туризмот е несоодветната инфраструктура, вели универзитетската професорка Арта Кадриу.
- „Како прв проблем или прв недостаток за развој на туризмот е инфраструктурата. Што значи во инфраструктурата ние подразбираме и јавен транспорт, недостаток на хотелски сместувачки капацитети, недостаток на патни одморалишта итн. Ова се едни од најбитните елементи“ изјави Арта Кадриу, универзитетска професорка по туризам.
Според Кадриу за да има добар развој на зимските центри, треба да се осмислат нови стратегиии, од државата, општините или концесионерите.
Јавниот превоз би го олеснило патувањето на туристите, а ако повеќе се инвестира и во скијачки патеки и хотелите, кои би нуделе и факулатативни излети, би привлекло и нови посетители, вели Кадриу.
- „Да има како што треба редовен јавен транспорт би го олеснило патувањето на туристите, било домашни или странски. За зголемување на туристичката понуда би помогнало нови скијачки патеки. Ние уште функционираме со стари скијачки патеки, немаме нови, немаме ни патни одморалишта, за странски туристи кои доаѓаат од Србија, Косово Албанија“ изјави Арта Кадриу, универзитетска професорка по туризам.
Во мавровскиот регион во неколку наврати оваа зима имаше заглавени возила поради неисчистени патишта од снег. Лани во декември туристите останаа завеани и на Пелистер.
До редакцијата на Телма стигнаа и поплаки од граѓани кои морале пеш да се движат за да стигнат до Галичник, поради тоа што патот не е прооден.
Слични проблеми има и на Шара, а колони и гужви се создаваат на Попова Шапка и поради тоа што посетителите автомобилите ги оставаат на коловозната лента, во недостиг на паркинг места.
Данијела Билбилоска